Седницата за преатенички прашања во Собранието повторно беше прекината по тензиите меѓу потпретседателката Весна Бендевска и пратеничката Илире Даути. Даути побара одговор за законот за правична застапеност, но по неколку процедурани реплики и блокирање на говорницата, Бендевска даде едночасовна пауза и продолжението го закажа за 17:10 часот.
Бендевска посочи дека Даути по трет пат го прекршува членот 98 од Деловникот, нагласувајќи дека процедуралната забелешка треба да се однесува исклучиво на начинот на водење на седницата, а не да се користи за политички пресметки. Тензиите продолжија откако пратеничката од Албанската лига инсистираше да го одбразложи своето барање за збор пред пратеничките прашања да продолжат.
„Манипулирањето со институтот процедурална забелешка мислам дека е навистина претерано, со оглед на тоа што правото за процедурална забелешка на секој пратеник завршува кога го повредува правото на друг пратеник согласно Устав да поставува прашања до претставници на Владата кои се тука тука присутни. Затоа ве замолувам да се исклучите за да почнеме да продолжиме со работа“, рече Бендевска.
Претходно тензиите во салата ескалираа кога Илире Даути, заедно со лидерот на нејзината партија Зијадин Села, ја блокираа седницата. Даути инсистираше дека седницата мора да се прекине доколку премиерот Христијан Мицкоски не ѝ одговори писмено на прашањето поврзано со Предлог-законот за правична застапеност, а поради одбивањето на пратеничката да ја напушти говорницата и поддршката од Села, собраниското раководство најпрвин даде половина час пауза за смирување на страстите.
Седницата кратко продолжуваше во попладневните часови, кога Бендевска информираше дека Даути веќе добила одговор и дека претпладневните недоразбирања се надминати, а откако таа и понатаму бараше збор, повикувајќи се на членот 99 според кој никој не може да говори без одобрение од претседавачот, Бендевска порача дека манипулирањето со институтот процедурална забелешка е претерано. Таа кажа дека со таквото однесување се повредува правото на другите пратеници согласно Уставот да им поставуваат прашања на присутните министри, по што изрече нова пауза до 17:10 часот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата