Општина Гази Баба од денес па во текот на целата недела ќе реализира бројни активности со цел одбележување на Светскиот ден за заштита на животната средина.
Денес, општина Гази Баба во соработка со Друштвото за управување со отпад Нула – Отпад оддржа настан на кој учествуваа ученици од ООУ Дане Крапчев и ООУ Стив Наумов.
На настанот се обрати градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски кој истакна:
-Заштитата на животната средина е една од најважните алки во општественото живеење, бидејќи со заштитата на животната средина се придонесува и за заштита на колективното здравје.
Општина Гази Баба по повод одбележувањето на светскиот ден за заштита на животната средина оваа недела организира повеќе настани и активности под мотото Гази Баба се грижи за животната средина.
Како градоначалник на општина Гази Баба од првиот ден на мојот мандат истакнав дека заштитата на животната средина е на врвот на моите приоритети и тоа во изминатите 7 месеци на дело го докажав.
Во само 7 месеци на територија на општина Гази Баба се засадија над 4000 нови садници, се исчистија над 60 диви депонии на јавни површини, доделуваме субвенции на граѓаните за инвертер – клима уреди, велосипеди и електрични тротинети. Градиме нови паркови, подигаме нови зелени површини. Тоа ќе продолжи така и во иднина.
-Општина Гази Баба подава рака за соработка со сите здруженија и општествено одговорни организации кои имаат проекти со кои се испраќа силна порака за заштита на животната средина, порача Стефковски.
По настанот градоначалникот Стефковски заедно со учениците и преставниците на Нула – Отпад поделија платнени торби на жителите на Автокоманда со порака за некористење на пластичките ќеси што ќе доведе до намалување на отпадот.© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата