Министерството за внатрешни работи ги финализираше сите неопходни формално правни и технички предуслови за да се започне со имплементација на законските измени кои се однесуваат на управување на мотоцикл до 125cm³ и информира дека од утре граѓаните ќе можат да го користат правото за обука за управување на мотоцикл до 125cm³ во автошколи кои имаат лиценци за „А1“ категорија.
– Во врска со задолжителната обука за управување на мотоцикл до 125cm³ (категорија „А1“ со автоматски менувач, до 11 kW), обука и потврди можат да спроведуваат и издаваат автошколи кои имаат лиценци за „А1“ категорија. Обуката трае четири часа и опфаќа клучни теми за безбедноста: заштитна опрема, контрола и стабилност на мотоциклот, превоз на сопатник и справување со ризици на патот. Воедно, ги информираме граѓаните дека потребно е кандидатот да достави лекарско уверение, како и потврда дека нема забрана за управување од „Б“ категорија. Доколку лицето кое се стекнало со потврда добие забрана за „Б“ категорија автоматски повлекува и забрана за управување со потврдата, соопшти МВР.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата