Извршител спровел барање на доверителот „Прва Инвестициона Банка“ од Бугарија за извршување на долг од 930 илјади евра од 2022 година преку продажба на деловниот објект „Соравиа“, во сопственост на должникот „Соравиа Инвест“. Продажбата на атрактивниот имот кој опфаќа парцела, деловна зграда, помошни простории и гаражи ќе се одржи кон крајот на месецов. Почетната вредност на недвижноста е 22,4 милиони евра, објави Фокус.
„Соравиа“ во строгиот центар на Скопје, кој периодов беше во фокусот на јавноста поради контроверзниот процес на промена на сопственичката структура на компанијата што го поседува атрактивниот објект – „Соравиа Инвест“, е ставен на продажба од страна на извршител, по барање на доверител за спроведување на извршување од над 930 илјади евра.
Според Фокус во заклучокот стои дека на јавното наддавање може да учествуваат само лица кои претходно положиле гаранција во висина од една десетина од утврдената вредност на недвижноста, односно во износ од 137.797.853 денари или околу 2,2 милиони евра. Најповолниот понудувач е должен да ја уплати сумата во рок од 15 дена, или во спротивно ќе се закаже нова продажба. Даночните обврски по основ на продажбата паѓаат на товар на купувачот.
Според Бизнис мрежата, споменатата „Соравиа Инвест“ е во сопственост на „Ханно Соравиа ГмбХ“ и плус на еден субјект – „Реитергут ХС ГмбХ“. Ист сопственик има и поврзаната „Соравиа Менаџмент“, а во двете друштва како управителка се јавува Егзона Ризмани (соуправител на „Соравиа Менаџмент“ е и бугарскиот државјанин Валери Русев Атанасов). Моментално, Ризмани е управителка и на подружницата на албанската „Пе-Вла-Ку“, а порано била управителка и на „Тхор Индустриес“ на Дрин Ахмети, кој, пак, неодамна беше управител на „Соравиа Инвест“.
Во моментов, „Соравиа Инвест “ и Соравиа Менаџмент“ имаат блокирани банкарски сметки и долгови кон УЈП, кој изнесуваат 11.825.210 денари по основ на ДДВ, а истиот долг го имаат и поврзаните „Соравија Вилиџ Рисорт“ и „Соравиа Лејк Рисорт“, каде фигурира и Русев Атанасов. Исто така, блокирана банкарска сметка имаат и „Пе-Вла-Ку“ и „Тхор Индустриес“. Додека се уште трае предистрагата за случајот „Соравиа“, фирмата на помладиот Ахмети остана без лиценца за изведба на објекти.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата