logo
logo
logo

„Со членството во НАТО не сме повеќе сами“ – ден за високи гости на вежбата „Одлучен удар 21“

Vecer | 31.05.2021

„Со членството во НАТО не сме повеќе сами“ – ден за високи гости на вежбата „Одлучен удар 21“

Во присуство на највисокиот политичко-воен врв во земјата и високи гости од САД и сојузниците беше реализиран Денот за високи гости на вежбата „Одлучен удар 21“ на Криволак.

За време на настанот презентирани беа офанзивни операции и активности на пешадиските и специјалните единици од армиите на Северна Македонија, САД, Грција и од Бугарија, со поддршка од хеликоптерите од воздухопловниот ВИНГ и авиони „Ф-16“ од вооружените сили на Грција.

Во присуство на претседателот Стево Пендаровски, претседателот на Собранието – Талат Џафери, премиерот Зоран Заев и другите високи гости, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, порача дека моќта на НАТО е во неговото заедништво и дека токму на оваа вежба се покажуваат единството, сојузништвото, подготвеноста и соработката, која може да ја има само најмоќната воено-политичка алијанса што светот ја познава.

„Вежбата ‘Одлучен удар 21’ покажува дека членството во НАТО навистина не е само формално достигнување што ќе го запишеме на хартија и ќе кажеме дека е остварување на нашата стратешка цел. Членството во НАТО е секојдневна практична работа, заедничко вежбање и војување, работа на терен, која ја легитимира и Армијата на Северна Македонија како рамноправна, усогласена, еднаква со сојузничките армии“, рече министерката и додаде дека денеска ние сме сојузник во НАТО, кој ги гарантира безбедноста и сигурноста на своите граѓани, а заедно со сојузниците и на сите граѓани во алијансата.

Шекеринска порача дека изминатите две недели „пешадиските и специјалните единици на армиите на Северна Македонија, САД, Грција и на Бугарија покажаа дека дејствуваат како едно, дека тие се моќта на НАТО, дека македонскиот војник во акција може да му го довери својот живот на американскиот, на бугарскиот и на грчкиот или, пак, да го брани животот на секој свој сојузнички колега додека се одвива акцијата“. Министерката упати честитки до армискиот тим за беспрекорната организација и благодарност до САД за долгогодишната континуирана поддршка во зајакнување на способностите и интероперабилноста на нашата Армија.

Претседателот Пендаровски порача дека со заедничкото планирање и организација на ваква вежба Северна Македонија и САД го афирмираат долгогодишното стратешкото партнерство, но и дека оваа вежба има и важна регионална димензија.

 

„Во ‘Одлучен удар’ учествуваат и претставници на армиите на Република Бугарија и Грција, со што го зајакнуваме билатералното партнерство со овие наши два соседа и во исто време ја интензивираме регионалната соработка во областа на одбраната и безбедноста“, рече претседателот Пендаровски.

Премиерот Заев истакна дека се гордее на припадниците на Армијата, на нашите офицери и војници за покажаната желба за усовршување и унапредување.

„Тие ги исполнуваат сите обврски и очекувања на достоинствен начин и на највисоко ниво, рамо до рамо со нашите сојузници не само дома туку и со учеството во меѓународните мисии, со кои се гарантира мирот во светот. Со членството во НАТО не сме повеќе сами. Северна Македонија никогаш повеќе нема да биде ставена во прашање, ниту изолирана од светот“, истакна премиерот. Додаде дека токму со членството во алијансата земјата стана фактор за стабилност во регионот и извозник на безбедноста.

„Денешното учество на претставници на нашата Армија заедно со нашите партнери од НАТО е резултат на високите достигнувања во техничката и воена подготвеност на нашите офицери и војници, но и на политичка визија со која се имплементираа највисоките демократски вредности“, заклучи премиерот Заев.

Бригадниот генерал Џед Шаертл, заменик-командант за мобилизација на Вооружените сили на САД за Европа и Африка, изрази задоволство од присуството на Криволак и од можноста од прва рака да се види, како што рече, импресивната можност за реално извежбување во овој полигон.

Генералот Шаертл порача дека токму оваа прва голема вежба по членството на Северна Македонија во НАТО, ја покажува посветеноста на нашата земја и на земјите учеснички, на алијансата и дека токму преку ваков тип на вежби ние учиме еден за друг, учиме за опремата и системите за да можеме навистина да бидеме интероперабилни и меѓусебно да се поддржуваме.

Денот за високи гости го следеа и министрите за внатрешни работи, за здравство и за финансии – Оливер Спасовски, Венко Филипче и Фатмир Бесими, министерката за одбрана на Црна Гора, Оливера Ињац, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, висока делегација од државата Вермонт, САД, амбасадорите на САД, на Грција и на Албанија, Кејт Мери Брнс, Русос Кондурас и Фатос Река, претставници од собраниската Комисија за одбрана и безбедност, високи воени и цивилни претставници на вооружените сили и министерствата за одбрана на САД, Бугарија, Грција и НАТО, командантот на бугарските специјални сили, генерал-мајор Јавор Матеев, командантот на SEEBRIG, генерал-мајор Аристидис Илиополос, како и одбранбени аташеи акредитирани во земјата.

Вежбата „Одлучен удар 21“ на полигонот „Криволак“ е дел од најголемата НАТО-вежба Defender Europe 21, која годинава се одвива во Европа. Во „Одлучен удар 21“ учествуваат 1.500 припадници на вооружените сили од 4 земји членки на НАТО – Северна Македонија, САД, Грција и Бугарија. Вежбата почна на 17 мај и ќе трае до 2 јуни. Целта на вежбата е демонстрација на високо ниво на интероперабилност, борбена подготвеност и извежбување на Лесниот пешадиски баталјон со сојузничките армии, како и зајакнување на соработката на конвенционалните и специјалните сојузнички сили.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MEDIANET LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk