logo
logo
logo

Силјановска-Давкова: Генералка викенд да прерасне во Генералка 365 дена

Vecer | 09.05.2025

Силјановска-Давкова: Генералка викенд да прерасне во Генералка 365 дена

Штитејќи ја природата се штитиме себеси, а генералка викенд треба да прерасне во генералка од 365 дена, порача денеска од Скопскиот аквадукт претседателката Гордана Силјановска-Давкова на почетокот на тридневната национална акција за чистење отпад „Генералка викенд“.

Забележувајќи дека треба да ја заштитиме природата на надлежните им предочи дека просторот кај Скопскиот аквадукт, кој е стар повеќе од 2.000 години треба да биде парк.

Таа се задржа на француските филозофи Русо и Мишел Сера за нивните ставови за потребата од природен договор, меѓу луѓето и природата.

– Договор во кој ќе гарантираат дека луѓето ќе ја штитат природата. Ние во правото велиме дека оној којшто е постар има посилни или поголеми права, ама прво настанале билките, па животните па луѓето. Луѓето се однесуваат како натрапници во рајот, тоа е факт. Ако не се смириме со природата, ќе се самоубиеме. Тоа е факт, истакна Силјаноска-Давкова.

Иницијативата ја поздрави и вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити, според кој, тоа е најмасовна волонтерска акција за чистење на отпадот во државата која од година во година станува се помасовна и станува симбол на тоа како свесноста за сопствената одговорност и добрата соработка дава видни резултати.

– Животната средина и особено ваквите споменици како што е Аквадуктот заслужуваат почит и грижа. Ваквите акции во кои сите заеднички покажуваме иницијатива, волја и подготвеност за соработка треба да бидат дел од нашето секојдневие. На отпадот не му е место на улица или во природата, рече Меџити.

Владата и МЖСПП, нагласи, ги поддржува сите акции во кои се покажува силна иницијатива, јака волја, инклузивност и желба да бидеме дел од промените со кои ќе се овозможи подобра иднина за нас и идните генерации.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk