logo
logo
logo

Шупливи се во главите!

Vecer | 11.06.2021

Шупливи се во главите!

Не се шупливи дрвата, тие се шупливи во главите, а уште пошупливи им се џебовите за да лапнат комуналии и некое денарче.

Можеби најшупливи се паркобраните, оние што френетично ги бранеа дрвата од сеча за време на „режимот“, или пак можеби тие дрва биле помалку шупливи од овие дебармаалските па затоа заслужија поголема борба.

Сигурно е до тоа, веројатно дебармаалскиве дрва станале шупливи од стресот и коснтантната галама од капиталните инвестиции на Шилегов, Боемските улички 1 и 2. Музики, коли, чад од скара, уринирања по ќошиња сè тоа го ремети мирот на дрвата, а општо познат факт е дека растенијата кога се под стрес и не осеќаат љубов венеат, ерго стануваат шупливи, а кога се шупливи за ништо не чинат па затоа подобро да се исечат и просторот да се искористи рационално за некое шупливо паркингче или зградиче.

Е сега има и еден друг аспект кој е важен при просторното уредување, декорирање и сл, а тоа е МИНИМАЛИЗМОТ. Што било тоа толкави дрва искромидени на сред улица?! Па може истите тие да се заменат со нежни стебленца од некое дрвце или па некои џуџести зимзелени грмушки кои ете можат да се искастрат како сакаш, па дури и да им се даде форма на пример како кутрето на градоначалникот Шилегов, во чест на првиот роденден на Тоби. Дури и би било финта улицата наместо Орце Николов да ја викаме улицата „Грмушката на Тоби“. Уште еден аргумент плус во прилог на зимзелените грмушки е што тие ќе си бидат зелени и во зима, а не како страшила суви гранки да висат неколку месеци во најурбаниот дел на Скопје.

Е сега додека паркобраните молчат, бар ДОМ изреагираа со една шупливо стерилна изјава во нивни стил. Ете нив најмногу им засметало тоа што дрвјата се исекле без најава, можеби ако имаше најава немаше да им смета, сепак се шупливи...дрвата  де. Па така следен пат кога ќе има сеча, ги молам надлежните да испратат официјално соопштение до ДОМ за да не се устресуваат непотребно па да не знаат што да кажат, вака бар да имаат некој ден плус да си ја скоцкаат реакцијата, да не биде ни остра ни блага за да не си ги налутат коалициските партнери. И се разбира, реакција е доволна, протест и гушкање дрва веќе не е во мода!

Малку ми е жал што шупливиот масакр ги начека зелените ДУИ неспремни, та они уште нијанса на зелена боја не избрале за нивното ребрендирање, а ќе треба да бијат битка со Српче за шупливите дрва во Центар. Додуша многу веројатно тие ќе си останат задолжени за шупливите дрва по планините, помагајќи им на Македонски шуми во сечата на шупливи дрва за огрев, бидејќи Македонски шуми баш и не се доволно екипирани па затоа секоја помош е добредојдена. Е сега исто така верувам дека тие не би сакале да се мешаат и во надлежностите на општините на нивните коалициски партнери, верувам дека повеќе ќе се грижат за шупливите дрва што се сечат низ Чаир, Сарај, Тетово, Гостивар...отколку за Арачиново, ете за таму СДСМ нека мисли, а и не би било фер да водат рачун за сите шупливи дрва во државата, та сега само што се ребрендираа.

Туку, дали ние ќе останеме шупливи е прашањето и ќе дозволиме и ова да помине како онаа старата народна „секое чудо за три дена“, или ќе преземеме нешто повеќе од две три пцовки пред да си продолжиме со бркање работа?!

Мартина Басарова Ѓеровска

 

 

 

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk