Судењето на кардиохирургот Жан Митрев за наводна измама на пациенти кои побарале и прифатиле третман со хемофилтрација како помошна метода во лекувањето од Ковид 19 по првичниот впечаток во јавноста по желба на нарачателите на скандалот се претвори во спротивност – следењето и фокусот на тема од здравството отвори многу скандали во јавното здравство, од корупција до негова нефункционалност, покажа мрежа на политичко-државен рекет и соработка на политичкото подземје со обвинителството и судството.
Судењето на Жан Митрев, како управител на Клиниката Жан Митрев, дека Клиниката на пациентите им применила хемофилтрација која била експериментален а не стандарден метод на лекувањето според протокол, продолжува со сослушување сведоци на обвинителството.
Досега, ниту еден сведок не потврди, ниту пак обвинителството изнесе било какви докази, дека нему лично Жан Митрев на измамнички начин понудил или наметнал примена на хемофилтрација. Напротив, покажа дека стотина лица побарале хемофилтрација но, не им била применета затоа што стручниот тим на клиниката утврдил дека нема потреба, се применувала само кај најтешките случаи заболени со вирусот Ковид 19.
Од сведооците кои досега ги видовме пред судот слушнавме дека бараат пари од Клиниката Жан Митрев затоа што нивни блиски починале од Ковид 19 иако во лекувањето им била применета хемофилтрација. Бараат пари за себе, за претпоствени последици кон некој друг. Накусо, досега видовме дека основен мотив на сведоците на обвинителството е да дојдат до пари, без да се утврди нечија лекарска грешка во лекувањето затоа што такво нешто не е ни предмет на обвинението.
Исказ дека Жан Митерв им ветил, или на кој било друг начин ги убедувал, дека хемофилтрацијата гарантирано спасува живот на луѓе во тешка клиничка ситуација – нема. Како што не постои лек кој согурно спасува живот за човек легнат во шок соба со сите пратечки состојби и компликации кои го довеле до таа состојба.
И, откакао видовме кои се аругументите на обвинителството и сведоците, прашање на време е кога ќе излезат на површина вистинските причини за ова судење. А кога се случува ваков настан каде не се гледа причина, заднинските причини по дефиниција се – пари. Процесот е едноставен: Клиниката работи добро, заработува, одамна е бренд со доверба на пазарот и интересна е за преземање. Секако, со цена која е далеку од реалната. За тоа да се постигне пред Жан Митрев ќе се постави избор: или ќе бидеш суден и осуден, или ќе ја продадеш клиниката по цена која ќе ти се каже.
И, пар месеци по отпочнување на судењето, одникаде, се појави заинтерсираниот купувач во наведените услови. Купувачот се појави под име на холандско-американски фонд „Балкан Алианс Хелткер“. Фондот во март го купил бизнисмен од Албанија, Клодијан Алајбеу, кој веќе во мај излегол од сопственичката структура од фирмата со која го купил „Балкан Алианс Хелткер“ и влегува таканаречена стичинг компанија „Монет Бис“ основана во 2017 година со седиште во Амстердам. .
Медиумите во Албанија во март годинава пишуваат околу тоа кој е вистински сопственик на холандскиот фонд „Балкан Алианс Хелткер’. Монитор.ал објави дека Клодијан Алајбеу, албански бизнисмен, купува 86,3% од уделите во „Балкан Алианс Хелткер“. Стекнувањето на мнозинскиот удел, според медиумот, Алајбеу го направил преку друга компанија (КА Хелткер Б.В.) регистрирна во Холандија.

Една парламентарна политичка партија објави дека Клодијан Алајбеу се поврзува со случаи на перење пари и корупција во Албанија и Зимбабве, но и финансирање на терористички организации во Турција. Накусо, се работи за лик кој нема многу допирни точки со здравството, а има намера да купи цела клиника овде во Скопје. Од сопственик кој е во фаза на принуда преку судски процес, од обвинителство и судство кои имаат 3% доверба во јавноста. Заклучок, во јавноста, е дека зад оваа намера стои ДУИ, а дека Клиниката доколку се продаде ќе ја менаџира еден од поранешните министри за здравство.
Но, откако јавноста го слушна обвинението, и откако ги слушна и сведоците од кои нема непосредно оштетени туку интерес им е да ги земат назад парите платени за лекување пред се на свои блиски, а особено кога се виде дека во гужвата некој од Албанија преку холандки фонд сака набрзина да ја купи клиниката Жан Митерв стана јасно дека тука се работи за организиран рекет и профитирање со злоупотреба на обвинителството и судството. Што не е ни прв, а нема да е ни последен случај во Македонија.
Специфичен проблем за јавноста, во овој случај, е што ако намерите успеат останува без битна здравствена заштита која изминатите скоро две децении му давала верба дека ќе биде лекуван стручно и достоинствено. И, сликата за “случајот Жан Митрев“ во јавноста почна да се менува. Притисокот од лобостите на албанскиот бизнисмен остана без ефект, и го снемува. Жан Митрев стана нов пример за политичко државен рекет врз успешни компании.
Најпосле, по сознанијата на јавноста дека се работи за планиран притисок и во сосема поинаква атмосфера од онаа кога од лобистите се туркаше случајот, по три месеци од понудата за купување, Клиниката Жан Митрев, во новите состојби и факти познати во јавноста, објави дека – преговорите за продажба се прекнуваат, Клиниката останува како и досега, со целиот стручен потенцијал на располагање на пациентите.
Сега се чека судот: Дали ќе суди во интерес на моќните политичко-државни рекет организации под кои паднаа десетина успешни фирми последниве години, или ќе суди според фактите кои помалку или повеќе сега се секому видни и јасни.
Кога сме кај обвинителството и судот, да не спомнуваме дека се уште нема обвиненија за скандалот со крадење и препродажба на цитостатици на Косово на Онкологија, а дека Фондот за здравство со буџет од 600 милиони евра е една од најскандалозните институции во државата, и дека парите од граѓаните ги троши за корупција во јавното здравство а на граѓаните од Фондот им се покрива, и тоа делумно, само кардио и васкуларни операции вршени во приватните клиники.
Ако Фондот работи согласно интересите на граѓаните, и за сложени лекувања дава избор каде граѓанинот да се лекува таму и да плати од неговите пари, и корупцијата во јавното здравство ќе се намали. Сега, граѓанинот плаќа плус пари во секој случај: дали во приватна клиника за лекување и сместување на повисоко ниво, или влегува во корупција па плаќа “под маса“ од портир до директор во јавното здравство.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата