Во земјава има шест активни пожари. Се уште е активен пожарот кај село Раовиќ, Општина Сарај. Утрово се забележува мало чадење на сртот од планината кон Матка, а чадење со помал интензитет се гледа кај Осој, на линијата меѓу селата Буковиќ кон Чајлане. Интервенираат десетина лица од ловиште „Јасен“, соопшти денеска Надица Вчкова од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
На редовната попладневна прес-конференција за состојбата со пожарите до 17 часот, Вчкова информира дека е активен пожарот во атартот на селата Ракле, Никодин и Топлица во општина Прилеп. Се работи за непристапен терен, а пожарот е активен, но е со многу слаб интензитет и сега за сега нема опасност од проширување. Таму интервенираат вработени од Шумско стопанство од Прилеп.
-На патот Ново Село-Мокриово има нов пожар, каде се опожарени овоштарници и сува трева. Дејствуваат пожарникари од Територијалната противпожарна единица од Струмица, рече Вчкова.
Се уште е активен пожарот кај село Нивичино, Струмичко. Гори нискостеблеста дабова, букова и габерова шума. Пожарот го гаснат екипи од Територијалната противпожарна единица од Струмица и од Шумско стопанство Беласица.
-Истиов пожар кој започна на територија на општина Струмица се пренесе на територија на општина Берово, во месноста Готен. Во моментов е со слаб интензитет, на непристапен висок терен. Се работи за приземјен пожар каде гори деградирана шума, сува трева и деградирани шумски растенија. Засега не постои можност за проширување на пожарот, а интервенираат екипи од ШС Малешево – Берово, рече Вчкова.
Пожар има и на дива депонија во општина Центар Жупа, меѓу селата Бајрамовци и Црно Боци. Интервенира ТТПЕ од Дебар.
Под контрола е пожарот во атарот на село Држилово, општина Сопиште. Екипи од ШС Караџица и месно население или 30-тина лица се на терен и го гаснат пожарот.
Од ЦУК апелираат граѓаните ако забележат чад или оган, веднаш да пријават во најблиската надлежна институција или на бесплатниот телефонски број за итни повици на ЦУК- 195. Апелираат овој број да не се злоуппотребува за лажни повици
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата