logo
logo
logo

СЕП на Димитров: Не добивме помош од ЕУ, оти квалитетно и навремено менаџираме

Vecer | 11.03.2021

СЕП на Димитров: Не добивме помош од ЕУ, оти квалитетно и навремено менаџираме

Откако се појави веста дека од солидарниот фонд на ЕУ од 530 милиони евра ја нема Македонија, се огласија од Секретаријатот за европски прашања на вицепремиерот Димитров од каде велат дека помош не ни е потребна, односно Македонија не направи доволно расходи за да се квалификува за помош преку Фондот за солидарност на ЕУ

- Поради квалитетното и навремено менаџирање на државните финансии во здравствениот сектор, како и поради брзата и ефикасна организација на државните институции кога беше обезбедена голема количина на донации во борбата со Ковид-19 (заштитни средства, маски, медицинска опрема, респиратори итн) кои не предизвикаа дополнителни расходи за овие потреби, минимумот кој беше проектиран од страна на ЕУ за користење средства од Фондот за солидарност не беше постигнат, велат од СЕП.

Тие додаваат дека во април 2020 год., Европската Унија одлучи да го прошири опфатот на Фондот за солидарност на ЕУ (ФСЕУ) како резултат на кризата настаната со пандемијата од Ковид-19 и кон земји кои не се членки на Унијата.

- Искористувањето на средствата од овој Фонд зависи од исполнувањето на праговите поставени од страна на Европската Унија во однос на вкупните расходи кои земјата во определен период ги има насочено за справување со последиците од Ковид-19.  Во таа насока, Секретаријатот за европски прашања подготви Информација за можноста за користење на Фондот за солидарност на Европската Унија за справување со финансиското влијание на Ковид-19 во здравствениот сектор, потенцираат од СЕП.

Во соопштението се додава дека информацијата со детални информации за можностите и за начинот на аплицирање за користење на помошта, била разгледана и усвоена на 51-та седница на Владата (одржана на 12.5.2020 год.), по што се иницирало прибирање на податоци за итните трошоци поврзани со Ковид-19, настанати на централно и локално ниво.

- По обработката на собраните податоци, доставени од институциите и општините и нивното дополнување со податоци за склучени договори за Ковид-19 достапни на страната на Бирото за јавни набавки, беше констатирано дека Македонија не го исполнува основниот предуслов за користење на ФСЕУ, стои во соопштението на СЕП.

Според нив поддршката од ФСЕУ била условена со оптоварување врз јавните финансии со минимален праг од 1,5 милијарди евра (цени од 2011 год.) или 0,3% од бруто националниот доход (БНД) на потенцијалната земја-апликант.

- Во апсолутни бројки, во случајот на Република Северна Македонија овој праг изнесуваше 30.852.000 евра и истиот не беше достигнат, со оглед на тоа дека износот на пријавените итни трошоци од институции/општини изнесуваше 7.670.831 евра, додаваат оттаму.

На крајот посочуваат дека за финансиска поддршка преку ФСЕУ се квалификувале расходи во здравствениот сектор настанати или предвидени да настанат во период од 4 (четири) месеци, сметано од датумот кога земјата која што аплицира официјално вовела одредени заштитни мерки или пак прогласила вонредна состојба.

Референтен период во оваа смисла за земјата беше периодот 10.03. - 09.07.2020 год.

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk