Семејството на починатата пациентка на Клиниката за гинекологија и акушерство тврди дека при шиење на матката, зашиено и е тенкото црево, што било причина за причина за контаминација на организмот!

Сопругот на починатата 33-годишна Ирена Костовска моментално е надвор од државата, а нејзиниот девер за „Слободен печат“ ги раскажа настаните кои довеле до смртта на младата жена.

Ирена на 22.04.2021 година беше оперирана од страна на д-р Викторија Јовановска, директор на ГАК. Операцијата поминува „успешно“, отстранет и е миом на матката, но Ирена има проблеми со подуеност на стомакот што се „решава“ со пробиотик! Утрото на 28.04.2021 состојбата и се влошува и откако на ГАК ја отвараат и сфаќаат што се случило ја испраќаат во Клиниката за абдоминална хирургија каде е извршена уште една интервенција од страна на д-р Љубомир Огњеновиќ. Констатирано е дека при шиење на матката на 4 места е продупчено и сошиено тенкото црево што довело до контаминација на организмот со фекалии и труење! Последниот обид на д-р Огњановиќ да направи интервенција е на 06.05.2021, тенкото црево е скратено и санирани се загноените рани, ставено е дрен за да може организмот да ја исфрли непотребната течност. Мојот последен контакт со неа беше завчера вечерта 08.05.2021, а последните зборови и беа „многу ми фалат децата!“ Вчера, 09.05.2021 во утринските часови се слушнала со децата а јас ја побарав околу 11 часот и не ја добив. Искомуницирав со моите родители кои во моментот ги чуваат децата и ми кажаа дека се слушнале и рекла дека ќе легне да одмори. Околу 14 часот од мои лични извори добив информација дека Ирена починала. Сакам јавно да се заблагодарам на д-р Огњеновиќ за укажаниот напор за да го спаси животот на една жена, мајка на две деца од 6 и 8 години, вели во изјава за „Слободен печат“, деверот на починатата пациентка, Никола Костовски.

Погребот ќе биде одржан утре на градските гробишта во Охрид.