Исклучок од ова се, угостителските објекти на Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, како и угостителските објекти, деловите за исхрана во угостителски објекти за сместување, хотел, мотел, хостел, пансион и други објекти за сместување, за посета од лица сместени во овие објекти.
Четврто, целосна забрана за посетители и гости во сите обложувалници, односно приемот на посетителите и работата на обложувалниците да биде овозможена исклучиво преку вршење на шалтерска услуга, шалтер, штанд, пулт. Односно, угостителскиот објект, дел во обложувалниците, како и во казината, да биде затворен за посетители почнувајќи од 7 април 2021 година (среда) до 20 април 2021 година (вторник).
Петто, целосна забрана за посетители и гости во сите вежбални, фитнес клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање, почнувајќи од 6 април 2021 година (вторник) до 20 април 2021 година (вторник).
Шесто, се забранува организирање, одржување и присуство, учество на секаков вид на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции и други настани од ваков вид почнувајќи од 6 април 2021 година (вторник) до 20 април 2021 година (вторник).
Премиерот Заев посочи дека на земјоделците им се овозможува движење врз основа на дозволите од подрачните единици и општинските кризни штабови до пазарите и назад од пазарите, до нивите и слично, а за време на забраната и посебниот режим на движење на територијата на Република Северна Македонија сите граѓани кои живеат во станбени објекти за колективно домување и што имаат домашни миленичиња (куче) да може да ги изнесуваат надвор од своите домови во вечерните часови во времетраење од еден час, почнувајќи од 22:00 часот до 23:00, најмногу до 100 метри од објектот во кој живеат.
Тој истакна и дека останува во сила забраната за групирање на повеќе од четворица граѓани.
Премиерот Заев истакна дека почитувањето на новите мерки е неопходност и повика на максимална одговорност од секој граѓанин и максимална ангажираност на институциите со цел нивно доследно спроведување.
„Ќе има зајакнати инспекциски контроли и полициски активности, со цел да се спречат несовесни, масовни групирања. Ова е момент кога е потребна целосна мобилизација на граѓаните и општеството во заштитата на јавното здравје кое што е обврска на секој од нас. За жал, мораме да констатираме дека досега недоволно се почитуваа мерките на лична заштита и мерките на колективна заштита. Посебно, олабавеност се гледа во последните седмица“, посочи претседателот на Владата.
Воедно премиерот Заев посочи дека овие мерки се воведуваат во пресрет на празниците, со цел да овозможи празничните денови секој граѓанин и секое семејство да ги помине во мир и спокој, со саканите на број и на трпезата во домот.
Министерот за здравство Филипче истакна дека се соочуваме со бран којшто е предизвикан од мутација на вирусот, која е различна во однос на карактеристиките што тој вирус ги имаше во месец ноември минатата година.
„Имаме голем број на пациенти кои се хоспитализирани во болниците, имаме една карактеристика, лекувањето сега да трае нешто подолго во однос на лекувањето на заболените кои беа хоспитализирани минатата година во месец ноември и тоа создава дополнителен терет на сите болнички установи каде што се хоспитализираат пациентите, притисок на сите здравствени работници коишто се целосно мобилизирани и учествуваат во лекувањето на овие пациенти. Во таа смисла досегашните мерки на некој начин ги стабилизираа бројките, не дозволија експоненцијален раст во делот на хоспитализацијата. Пикот, се надевам дека нема да има измени, беше на 31 март, 1 април, 2 април сега нешто се намалува, сепак е огромна бројката на новодијагностицирани пациенти целиот овој изминат период, огромна бројката на хоспитализирани пациенти и сето тоа иако со намалена динамика се акумулира и создава огромен притисок во болниците“, истакна министерот Филипче.
Тој посочи дека празниците коишто доаѓаат може дополнително да ја комплицираат епидемиолошката ситуација и во таа смисла не се сака да дозволи во продолжение на целиот тој период да се случи уште едно дополнително оптеретување на здравствениот систем нешто веројатно тогаш тешко би можеле да го изменаџираме и во таа смисла се сите овие дополнителни рестриктивни мерки со цел епидемиолошката слика дополнително да стивне.
Заменик-министерот за здравство Хасани наведе дека ако не се донесеа овие одлуки, со сигурност ќе се соочиме со затворање за празниците Бајрам и Велигден.
„Се надеваме дека тоа нема да се случи, и се надеваме дека големите верски празници ќе ги поминеме без вакви значителни ограничувања. Сепак граѓаните, во време на празниците и празнувањата ќе мора да внимаваат, затоа што традиција е да се оди во домовите на повозрасните, а тоа се најризична категорија граѓани, бидејќи вирусот за нив е најфатален. Секој од нас има индивидуална одговорност во битката со овој вирус и штитејќи се сами, ги штитиме и нашите најсакани. Овие мерки кои ги преземаме, иако се многу непопуларни, целта ни е да го намалиме притисокот кон болниците, но и да го спречиме ширењето на вирусот, бидејќи британскиот сој се испостави дека е најопасен до сега“, посочи Хасани.
Претседателот на Комисијата за заразни болести прим. д-р Караџовски истакна дека мерките се носат со консензус и дека Комисијата има одлична соработка со Владата на тој план.
Тој посочи дека во последните три седмици има реско зголемување на број на позитивни случаи и просечната бројка се движи меѓу 1.200-1.300 позитивни, кои почнуваат да ги полнат здравствените капацитети, што ја наметнува потребата сега да се воведат овие мерки со цел за да се менаџира кризата и да се одржува кондицијата на здравствениот систем.