Основното јавно обвинителство Кочани денеска достави предлог до Основниот суд во Кочани за определување мерки за претпазливост против последниот, 19-ти осомничен во проширената истрага за трагичниот пожар што се случи во дискотеката „Пулс“.
Според неофицијални информации, станува збор за актуелниот амбасадор на Македонија во Норвешка, Дритон Кучи, кој во минатото ја извршуваше функцијата министер за економија.
Обвинителството не го открива идентитетот на осомничениот, но посочува дека во тек е постапка за утврдување на неговата евентуална одговорност во врска со настанот.
Претходно, ексминистрите за економија, Ваљон Сарачини и Беким Незири добија куќен притвор, додека ексдиректорот на Дирекцијата за заштита и спасување и актуелен министер без ресор, Шабан Салиу доби ефективен притвор.
Ова се само дел од изречените мерки за новоосомничените за пожарот во кочанската дискотека, по проширувањето на истрагата. Освен Салиу, уште три други лица добиле притвор, а Обвинителството не открива кои функции ги имале. Со Сарачини и Незири, притвор добија и други четири лица. Останатите осум осомничени – имаат мерки на претпазливост.
Се води истрага за 47 лица и за три правни лица.
– Истрага се води и против седум полициски службеници. Се преземаат истражни дејствија – рече јавниот обвинител Љупчо Коцевски.
Мерките на претпазливост се одредуваат поради опасност од бегство.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата