Денеска, на првиот училишен ден од новата учебна година, во ООУ „Карпош”- с. Умин Дол свечено беше отворен училишниот објект по успешно завршениот проект за реконструкција на оваа училишна зграда и на подрачното училиште во с. Љубодраг, кој е реализиран со финансиска поддршка на Министерството за образование и наука и Општина Куманово, изјави Максим Димитриевски, градоначалникот на Куманово.
Додаде дека овој проект опфати реконструкција на кров, подови и тоалети, нови прозорци и врати, нова енергетско-ефикасна фасада, санитарни јазли и делумно нов ентериер, нова електрична инсталација со нов систем за греење, пристапна рампа и тоалети адаптирани за лица со попреченост.
На свеченото отворање, градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски упати благодарност до ресорното министерство и ЈП „Куманово план“ за реализираниот проект и воедно информираше дека последната капитална инвестиција во Куманово во сегментот на образование е 1987 година.
„Голема е честа на прв училишен ден да се биде токму тука во село Умидол, коешто е едно од најголемите и најорганизираните села во нашиот град. Последната капитална инвестиција во Општина Куманово во сегментот на образование е далечната 1987 година, кога е изградено „Кочо Рацин“ во Куманово. И после тоа имаме една континуирана стагнација. Аплициравме 11, добивме 8 проекти. Благодарам во мое лично име, во име на граѓаните на Општина Куманово и жителите на село Умин Дол за одвоените проекти од ресорното министерство“ рече тој.
Истакнам дека особен придонес дало ново формираното претпријатие „Куманово план“ коешто ја изготвило потребната техничка документација.
„Се реализираат проекти, денеска сме тука во Умин Дол, наскоро и во Љубодраг и на многу други места. Сега имаме уште 6 апликации, големи инвестиции во сегментот на образованието. Но, пред некаде две ипол години излеговме со еден проект во општината - Куманово за селата. И тргнавме да асфалтираме површини“, рече Димитриевски.
Во рамки на мандатот, Димитриевски посочи дека првата инвестиција е во село Умин Дол со изработување на главната траса или главната напојна улица на селото.
„Во ова село инвестиравме околу седум илјади метри квадратни асфалтна површина. Во село Љубодраг околу десет, село Ново село приближно како Умин Дол и во многу други села. Во една ипол година, над 50 илјади квадратни метри асфалтни површини во руралните средини, бидејќи луѓето кои живеат во рурална средина треба да се почувствуваат горди и да имаат соодветни услови. Заедно со ентузијастите, без разлика кој од која партија е, од која провиненција доаѓа најважно е да сакаме да работиме за општината. Ќе продолжиме да аплицираме со нови проекти, со нови инвестиции во руралните средини, бидејќи граѓаните и децата кои живеат во овие средини го заслужуваат тоа.“ изјави тој.
Димитриевски им честита на сите првооделечниња денеска кои тргнуваат во училиште, да бидат горди и да го помнат овој ден.
„ Да ја помнат првата строфа, целиот живот што ќе научат на првиот час со својата учителка, бидејќи јас мојата ја помнам. Сите ние сме родители, посакувам успешна школска година на сите ученици во нашиот град, а воедно да се заблагодарам и на менаџерскиот тим и на сите професори во ова училиште коешто дава допринос во воспитно образовниот процес, а вие почитувани професори и професорки бидете горди на вашите дела, образувате идни генерации кои повторно ќе му служат на нашиот град, на нашата држава“, потенцираше Димитриевски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата