logo
logo
logo

Реакција на "Аџибадем Систина" за лицитацијата на просторот на "Филип Втори"

Vecer | 23.12.2011

Реакција на "Аџибадем Систина" за лицитацијата на просторот на "Филип Втори"

По јавната лицитација што завчера се одржа во Министерството за здравство, каде што по пат на јавно наддавање се лицитираше просторот во кој е лоцирана специјализираната болница "Филип Втори", приватната кардиохирургија остана како кираџија со месечна кирија од 75.000 евра и во следните 20 години.

Клиничката болница "Аџибадем Систина" смета дека лицитацијата беше нетраспарентна и затоа испрати подолго соопштение до јавноста, од кое ви издвојуваме делови каде се вели:

"Договорот се однесува исклучиво за кардиохируршка дејност, а како што сите ние знаеме Филип Втори" денес, според регистрацијата и дејностите што ги нуди, е хируршка болница, што е спротивно на овој договор. Прашуваме зошто Министерството за здравство му даде предност на Филип Втори" да склучи договор пред нас иако условите од претходниот договор не се исполнети.

Го прашуваме Министерството дали Филип Втори" го исполни членот 1 од договорот за отворање прва детска кардиохирургија во РМ и дали неговата специјална болница за кардиохирургија прерасна во водечки кардиохируршки центар во поширокиот регион" - се вели во соопштението на "Аџибадем Систина".

Болницата ја прашува Управата за јавни приходи дали и по кој закон е возможно да се даде под закуп простор и опрема под пазарната вредност, а во овој случај без никаква вредност.

Таа го прашува и Министерството за одбрана дали се исполнети условите наведени во членот 4.6., 4.7. и 4.8. од овој договор и дали истата опрема е испорачана во Воената болница.

"Ја прашуваме Финансовата полиција дали во членот 4. 2. од овој договор е направена математичка ненамерна грешка, намерна грешка или опција да бира Филип Втори", каде што износот од 7.927 .237 денари во германски марки наместо да изнесува 254.977 германски марки во договорот стои сума од 2.787.011,51 германски марки.

Како е возможно Министерството во ваков договор да направи таква почетничка грешка, освен ако истото не било однапред така договорено", се вели во соопштението и понатаму се бара од Министерството за внатрешни работи заедно со Обвинителството на РМ да ги разгледа сите случаи.

"Ги замолуваме медиумите да престанат со погрешно информирање на јавноста и крајно време е да соопштат дека во 2000 година Министерството за одбрана на чело со министерот Никола Кљусев ја формираше Првата државна кардиохирургија во Воената болница со парите од буџетот, т.е. со парите од граѓаните на Р. Македонија.

Исто така. ве молиме да ја запознаете јавноста дека за време на воениот конфликт од непознати причини истата се дава под закуп од 10 години на новоформираната ПЗУ "Филип Втори" без надомест. Во исто време на "Филип Втори" му се дава и буџет од десетици милиони германски марки годишно од Фондот за здравствено осигурување за кардиохируршка дејност.

Бидејќи договорот не е испочитуван во целост, прашуваме зошто Филип Втори" повторно има предност пред нас за потпишување на нов договор, а за сето горенаведено не е санкциониран буквално за ништо."

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk