logo
logo
logo

Разрешување поради пркос е шокантна одлука, му кажа Силјановска на Заев

Vecer | 28.04.2021

Разрешување поради пркос е шокантна одлука, му кажа Силјановска на Заев

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова на седницата за пратенички прашања, побара од премиерот Зоран Заев да го објасни правниот основ по кој Владата го разреши директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски.

„Чувме дека поради пркосот е разрешен Стојко Пауновски. Шокантно. Пркосот е најдобрата човекова особина. Без пркос, нема ефикасен Пазарен инспекторат. Јас истражував и видов дека 40 отсто од вработените во Инспекторатот се од албанска националност. Ако вака продолжите со вдомување на клиентилисти кои над деценија седеле дома и земале плата, ова ќе стане неправична застапеност. Патем и тие 12 со економски и правен факултет, видов дека не ги исполнуваат квалификациите, бидејќи за инспектор, ви треба сертификат што сигурно не го стекнале седејќи дома”, кажа Силјановска-Давкова.

Заев кажа дека неговиот пријател Пауновски е разрешен со консензус на целата Влада, согласно етичкиот кодекс што го имале прифатено сите административци.

„Не е моја желба тоа, туку е спроведување на закон со кој државата конечно обезбеди конкретни ангажмани на луѓе кои се вработени и земаат плата, а седат дома. Се распоредуваат на конкретни задачи за конкретни планови донесени од институциите. Повторувам, не станува збор за нови вработувања. Тој одби и да разговара за модел како би се спровело ова законско решение во Инспекторатот. Одби да објасни кај е проблемот, се инаетеше само преку медиумите. Не постапи по етичкиот кодекс во однос на солидарноста кон овие патем, вработени луѓе”, кажа Заев.

Пратеничката не беше задоволна од одговорот, му порача на Заев дека не е тој кој го цени кодексот.

„Вие го прекршивте кодексот, а не господинот Пауновски. И не го спомнувајте веќе”, му рече на премиерот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk