Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а во попладневните часови на повеќе места се очекува нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Според најавите, локално процесите ќе бидат поинтензивни и ќе има услови за невреме со обилен пороен дожд, силен ветер со брзина над 60 километри на час и појава на град.
„Минималните температури ќе се движат од 9 до 16 степени, а максималните дневни температури во најтоплите делови од земјата ќе достигнат до 32 степени“, се вели во прогнозата на синоптичарите.
И во Скопје времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, додека попладне се очекуваат пороен дожд, грмежи и засилен ветер, како и услови за изолирана појава на краткотрајно невреме.
„Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 30 степени“, додаваат од УХМР.
Во петок и сабота времето ќе биде стабилно, во главно сончево со умерена облачност. Од недела повторно се очекува пораст на температурите, а во попладневните часови ќе има локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата