logo
logo
logo

ШТО РАБОТАТ БИВШИТЕ МИНИСТРИ ЗА ФИНАНСИИ, и колку заработуваат од своите услуги

Vecer | 27.05.2026

ШТО РАБОТАТ БИВШИТЕ МИНИСТРИ ЗА ФИНАНСИИ, и колку заработуваат од своите услуги

Тројца поранешни министри за финансии, кои во различни политички периоди ја водеа државната каса, денес се поврзани со фирми за консултантски услуги. Станува збор за Зоран Ставрески, Драган Тевдовски и Фатмир Бесими, чии компании се регистрирани во дејноста советување во врска со работењето и останато управување.

Податоците до кои дојде порталот Фактор покажуваат дека фирмите имаат различен обем на работа, различна профитабилност и различен број на вработени.

Најголеми приходи во 2025 година има „Стратегерс“ на Фатмир Бесими, најголема добивка има „ЗАКС консалтинг“ на Зоран Ставрески, додека „Даталитикс ОРГ“, фирмата основана од Драган Тевдовски со уште еден партнер, годината ја завршила со мала добивка.

Зоран Ставрески беше министер за финансии и вицепремиер за економски прашања од јули 2009 до 14 јуни 2016 година. Тој беше дел од владите предводени од ВМРО-ДПМНЕ. Во 2025 година Ставрески се појавува и како надворешен советник на премиерот Христијан Мицкоски за финансии и банкарство.

Неговата фирма ЗАКС консалтинг Скопје е основана на 19 јуни 2025 година, што значи дека во годишниот биланс за 2025 влегува со работа од околу половина година. Компанијата прикажала приходи од 507.967 денари, расходи од 55.085 денари и добивка од 452.882 денари. Во евра, тоа е околу 8.260 евра приходи, околу 900 евра расходи и околу 7.360 евра добивка. Во прегледот нема прикажан број на вработени.

Драган Тевдовски беше министер за финансии од 2017 до 2019 година, во владата предводена од СДСМ. Денес е редовен професор на Економскиот факултет во Скопје. Во неговата академска биографија е наведено и дека бил советник на извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон во периодот 2020 до 2022 година.

Фирмата Даталитикс ОРГ Скопје е основана на 10 февруари 2025 година од Тевдовски со уште еден партнер. Во 2025 година компанијата прикажала приходи од 347.001 денар, расходи од 334.974 денари и добивка од 10.313 денари. Во евра, тоа е околу 5.640 евра приходи, околу 5.450 евра расходи и околу 170 евра добивка. Кај оваа фирма е прикажан еден вработен.

Фатмир Бесими беше министер за финансии од септември 2020 до јуни 2024 година. Министерството за финансии објави дека на 24 јуни 2024 година Гордана Димитриеска-Кочоска ја презела функцијата од Бесими, кој дотогаш го водел ресорот.

Фирмата Стратегерс Скопје е основана во 2020 година, а според податоците што ги анализираше Фактор, Бесими станал 100 проценти и единствен сопственик пред 2025 година.

Оваа компанија има најголем обем на работа меѓу трите анализирани фирми.

Во 2025 година прикажала приходи од 6.432.153 денари, расходи од 6.356.699 денари и добивка од 50.960 денари. Во евра, тоа се околу 104.600 евра приходи, околу 103.360 евра расходи и околу 830 евра добивка. Фирмата има четворица вработени. Бесими на страницата на компанијата е претставен како професор по економија на Универзитетот на Југоисточна Европа.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk