logo
logo
logo

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се сретнаа со граѓани од повеќе места

Vecer | 09.05.2021

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се сретнаа со граѓани од повеќе места

Во рамки на агендата на ВМРО-ДПМНЕ предвидена за претстојниот период насловена како “Пратениците со народот”, пратениците од опозициската партија се сретнаа со граѓани од повеќе населени места, со кои поразговараа за актуелните случувања во државата, секојдневните проблеми на граѓаните, како и во однос на политичката ситуација.

Пратениците Ане Лашкоска и Петар Ристески, заедно со претседателот на ОК Прилеп на ВМРО-ДПМНЕ Дејан Проданоски ги посетија жителите на населените места Галичани, Мало Коњари и Големо Коњари, со кои поразговараа за нивните секојдневни проблеми, неисполнетите ветувања од страна на власта, проблемите во земјоделието и уште низа други проблеми кои ги засегаат луѓето од овој крај на Република Македонија, соопштија од партијата.

Како што додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, луѓето имаат големи потешкотии во земјоделието, бидејќи немаат никаква помош од државата за набавка на нова механизација со која ќе се олесни работата, а уште поголем проблем, велат тие е што нивните производи не можат да се продадат, бидејќи цената е премногу ниска и откупот не е загарантиран. Како еден од најголемите проблеми кои што се актуелни во изминатите месеци е законот за продажба на земјоделско земјиште, кое што како што велат жителите, не смее да се дозволи по никоја цена.

Жителите на населеното место Припор беа посетени од страна на пратеничката Бети Стаменкоска Трајкоска, со која ги споделија нивните и проблемите на населението во Припор.

Жителите од ова населено место велат дека економската ситуација во државата никогаш не била полоша и понестабилна, што придонесува за несигурност на граѓаните, бидејќи голем дел од присутните се пожалија на изгубени работни места и немање извор за егзистенција.

Покрај тоа, велат дека секојдневно се соочуваат со проблеми во јавното здравство, бидејќи не добиваат соодветен третман од здравствените установи поради лошите услови кои здравствените работници ги имаат насекаде низ државата. Сигурни се во желбата оваа ненародна власт да ја препушти државата на нови политичари, кои со искрена и чесна намера ќе сакаат да работат за доброто на граѓаните, наместо да манипулираат и лажат како моменталната гарнитура на власт.

Пратеничката Ангелина Петкова ги посети жителите на населеното место Миравци, општина Гевгелија. Жителите изразија огромно незадоволство поради лошото менаџирање на државата од страна на власта и поразите кои државата го доживува на дневно ниво во секој сегмент од општеството.

Жителите велат дека крајно е несериозно и не е во ред тоа што министерката Царовска ги укинува учебниците и наметнува дигитализација и онаму каде што голем дел од семејствата немаат услови за набавка на компјутери и таблети. Исто така напоменаа дека се разочарани од страна на власта што го одбиле предлогот од страна на пратеничката Петкова за изградба и реконструкција на патот Прдејци – Смоквица, бидејќи е од круцијално значење на населението.

Пратеничката Даниела Христова ги посети жителите на населеното место Умлена, општина Пехчево.

Тие велат дека се комплетно незадоволни од оваа ненародна власт, која според нив е најлошата во историјата на Република Македонија. Покрај националните понижувања кои македонскиот народ ги трпи поради нивните лоши политики, граѓаните се економски клекнати на колена и не можат да преживеат, ниту пак да заработат и за скромен живот.

Покрај овие порази кои ги повредуваат како Македонци, велат дека власта ги заборавила и апсолутно ништо не сработила во нивното населено место, а патот за кој во неколку наврати им било ветено дека ќе биде направен, жителите го чистат и сами го поправаат, бидејќи како што велат немаат друга опција.

Пратеникот Миле Лефков заедно со претседателот на ОК Зрновци на ВМРО-ДПМНЕ Борчо Коцев и градоначалникот на општина Зрновци Блаже Станков го посетија манастирот “Св.Тома’ кој се наоѓа во клисурата на Зрновска река.

При посетата на манастирот остварија и средба со жителите околината и поразговараа за нивните проблеми, како и очекувањата од оваа ненародна власт предводена од Зоран Заев, која што како што велат не сторила ништо за нив во изминатите речиси пет години.

Овие луѓе велат дека најмногу од се ги повредува фактот што како Македонци никогаш не биле повеќе обесправени и понижени и токму поради тоа не сакаат да дозволат Заев да продолжи да ја води државата. Посакуваат брз крај на оваа расипничка власт и градење и развивање на Република Македонија од почеток.

 

makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk