logo
logo
logo

Пожарот во бараките е ставен под контрола, нeисправни хидранти ја отежнале работата на пожарникарите

Vecer | 26.10.2021

Пожарот во бараките е ставен под контрола, нeисправни хидранти ја отежнале работата на пожарникарите

Изгаснат е пожарот што ги зафати напуштените бараки каде беше сместен Судот за прекршоци во Градскиот парк во Скопје, информираат од Територијалната противпожарна единица на Град Скопје.

Командантот на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје, Владимир Симоновски за МИА изјави дека на терен интервенирале со седум возила и 20 пожарникари.

– Пожарот е завршен. Ставен е под контрола и се работи на негово догасување, на тоа што остана – изјави Симоновски.

Претходно, тој информираше дека нема голема материјална штета, ниту повредени или жртви, но дека сериозен проблем биле нефункционалните хидранти.

– Многу пати сме кажале дека хидрантската мрежа не ни е точно обележана и немаме информација каде имаме доволно за полнење вода – изјави Симоновски.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, во изјава за медиумите од местото на пожарот, рече дека станува збор за монтажни бараки стари над 50 години, кои брзо гореле и благодарение на брзата реакција на пожарникарите се спречило ширење на пожарот и поголема материјална штета.

– Имаме мал зафат на пожарот на покривот на ресторанот „Томче Софка“. Сега бев и со сопственикот, сè е во ред и нема поголема материјална штета – изјави Шилегов.

Прашан за тоа дали можеби изгореле некои документи или се планира изградба на некакви згради, Шилегов рече дека е жално што една политичка партија и во вакви тешки моменти наоѓа простор за политика.

– За мене примарно е да се провери дали имаме жртви и оштетувања. Ова е документација на Основен суд Скопје 1, не е на Град Скопје. Документацијата на Град Скопје е целосно безбедна, дигитализирана, со бек-ап дигитален. Ова не е пиши-бриши варијантата, која постоеше до 2017 година. Овде не е предвидена изградба на згради колку што јас знам. Детален урбанистички план не е донесен, земјиштето е во сопственост на Република Северна Македонија – изјави Шилегов.

Тој најави дека просторот, штом ќе заврши гаснењето на пожарот, ќе биде уреден за спорт, во рамки на Градскиот парк.

Пожарот беше пријавен денеска околу 16 часот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk