logo
logo
logo

Повеќе институции работат на расветлување на случајот увоз на нафтени деривати, информации во рок од 14 дена

Vecer | 19.05.2021

Повеќе институции работат на расветлување на случајот увоз на нафтени деривати, информации во рок од 14 дена


Владините портпароли, Муамет Хоџа и Душко Арсовски денеска пред медиумите презентираа информации за случајот „увоз на нафтени деривати“.

Тие нагласија дека дискусијата по однос на ова прашање е оценета како вонредна и итна, бидејќи постојат сомнежи дека во одреден период во земјата биле увезувани токсични нафтени деривати опасни по здравјето и животната средина.

Дериватите при увоз влегувале како мазут и се користеле како гориво за греење во повеќе државни институции, но и како гориво во приватни компании во земјата.

„Владата е одлучна во заложбата да нема компромиси кога е во прашање здравјето на граѓаните и заштитата на животната средина. За да се расчистат сите прашања, дилеми и сомнежи изнесени во јавноста, Владата ја задолжи Царинската управа да спроведе внатрешна контрола за конкретниот случај, да се испита колкави количини од наведените нафтени деривати се увезени од 2018 до 2020 година и под која царинска шифра е извршен увозот, како и тоа дали податоците во декларациите соодветствуваат со дериватот што е увезен“, информираа владините портпароли.

Државниот пазарен инспекторат, со Бирото за стандардизација и метрологија и со помош на акредитираната мобилна лабораторија треба да спроведе вонреден инспекциски надзор во компаниите што увезуваат, како и во институциите што користат вакви горива.

Државниот инспекторат за животна средина е задолжен да спроведе вонреден инспекциски надзор во компаниите увозници и корисници на мазут и на други нафтени деривати.

Министерството за економија е задолжено да побара што точно се испитува при увоз согласно Правилникот за квалитет на течни горива и дали одредбите од Правилникот се применуваат согласно европските стандарди.

Сите тие институции контролите треба да ги направат веднаш, а информациите да бидат доставени во рок од 14 дена.

Портпаролите на владата посочија и дека Царинската управа, како надлежна за спроведување на увозна постапка и наплата на давачки, во врска со работењето на фирмата увозник од Кичево „Евротим ГДС“, во периодот од 2018 до 2020 година, земала мостра за анализа при увозно царинење во 84 увозни постапки.

Во ниеден од доставените примероци не било пронајдено поголемо количество на сулфур од дозволеното.

Исто така, Државниот пазарен инспекторат има извршено инспекциски надзор на увезени пратки на „Евротим ГДС“ од Кичево на 7 февруари 2019 година при што има земено мостра од нафтен дериват Мазут-М1 за понатамошно лабораториско испитување.

„По извршената анализа од страна на овластена лабораторија, добиен е резултат кој е во рамките на граничните вредности, согласно постоечкиот Правилник за квалитет на течните горива“, информираа од Владата.

„Во однос на квалитетот на горивата, во Правилникот за квалитет на горивата, освен нивото на сулфур, во втората одредба е наведено дека нафтените деривати треба да исполнуваат и други карактеристики, на пример ниво на пепел и други содржини кои треба да ги имаат дериватите“, беше посочено на денешната прес-конференција, при што беше повторен ставот дека Владата е решена да го затвори случајот без никакви компромиси.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk