Предмалку, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и британскиот министер за економија и извоз Герет Томас во Лондон го потпишаа Договорот за стратешко партнерство меѓу владите на Македонија и на Обединетото Кралство, со кој земјава добива на располагање историски најголем обем на средства од пет милијарди фунти за реализација на капитални проекти.
Посетата на британската престолнина Николоски кој предводи владината делегација во која се и потпретседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, министерката за образование Весна Јаневска и директорот на ЈП за Железничка Инфраструктура Синиша Ивановски, официјално ја започна вчера со средба со претставници на Инструментот за поддршка на надворешното финансирање (УКЕФ) во британското Министерство за финансии.
Вицепремиерот Александар Николоски истакна дека Стратешкото партнерство е нешто кое ќе ја доведе Македонија до едно ново ниво.
Денес потпишуваме договор меѓу двете влади, за развој на инфраструктурни проекти во неколку сектори како што се транспорт, образование, животна средина, информатичка технологија како и други сектори кои ќе се развиваат како здравството. Ќе продолжиме да соработуваме во претстојниот период, рече Николоски.
Николоски додаде дека ова е одлична можност за Македонија да се развива.
Веќе имаме три проекти, тоа е проектот за брзата железница на коридор 10, проектот во здравството за болници и проектот за образование за медицинскиот факултет, а во претстојниот период ќе има нови проекти во животна средина, но и други проекти секако. За нас е важно дека ќе го искористиме искуството и експертиза од британската јавна администрација и британскиот бизнис сектор со што нашите ќе дојдат едно ново ниво, нагласи Николоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата