Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска на брифинг со новинарите објави документ од кој, како што наведе, се потврдува дека имало уплата од Министерството за здравство на посредничка фирма за набавка на кинеските вакцини од „Синофарм“.

Од документот (дознака за плаќање во странство-СВИФТ), како што рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, се гледа дека Министерството за здравство на 15 февруари на посредничка фирма во Хонг Конг (Стабри интернешнл) уплатило околу 7,8 милиони долари за купување кинески вакцини, и оти на ваков начин се демантираат тврдењата од Министерството дека немало никаква посредничка фирма во набавката.

Според Мицкоски, ако вакцините се набавеле преку фирмата посредник, ќе ја чинеле државата двојно поскапо, односно една доза вакцина би чинела 65 долари, поради тоа што во обидот за набавка на вакцини со посредникот „Стабри“ била вклучена и провизија од околу четири милиони долари.

Тој појасни дека подоцна, на 15 април, откако било соопштено дека парите биле повлечени, Министерстворо за здравство, директно на компанијата „Синофарм“ префрлило 155 милиони денари.

Мицкоски најави дека документите ќе ги достават до Јавното обвинителство и до ДКСК, но, како што рече, не очекува никаква реакција од овие инстиуции.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на брифингот се осврна и на планираната изградба на Клиничкиот центар. Нагласи дека не се против изградба и не ја блокираат, туку тоа треба да се направи врз основа на проект, кој, како што рече го нема. Според Мицкоски, проект за изградба не постои, туку само физибилити студија од триесетина страни и тоа не е основа врз која ќе се задолжи државата за 500 милиони евра.

Партијата останува на ставот дека постојниот клинички центар „Мајка Тереза“ треба да се реконструира и доизгради бидејќи, како што рече, за тоа има готов проект изработен од Европската развојна банка и одобрени средства од 110 милиони евра. Дополнително, вели, би можело да се изгради Ургентен Клинички центар кој би бил наспроти приватната болница „Жан Митрев“ и со кој би се поврзале Поликлиниката „Букурешт“ и ГОБ „8 Септември“ и исто така изградба на уште три Универзитетски клинички болници во Тетово, Штип и Битола кои би чинеле по десетина милиони евра.