Во неделата, полицијата уапсила угостител на влезот на Тетово бидејќи нашла 2.680 разни видови пиротехнички средства.
„На 29 декември 2024 година, во 14.30 часот, на автопатот Скопје-Тетово, на влезот на Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода 61-годишниот Р.Ј. од с.Мала Речица, тетовско. При преглед во неговото патничко возило „опел антара“, со тетовски регистарски ознаки, биле пронајдени 2.680 разни видови на пиротехнички средства“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Потоа, со судска наредба, бил извршен претрес во неговиот дом и во неговиот угостителски објект. Притоа, во угостителскиот објект биле пронајдени и одземени 75 парчиња разновидни пиротехнички средства и бил затекнат 32-годишниот С.Ј. од село Мала Речица, кој бил приведен во полициска станица.
Двајцата биле задржани во полициска станица за понатамошна постапка и по целосно документирање на случајот, против нив ќе следува соодветна пријава.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата