По 72 часа непрекината борба со огнената стихија и три непроспиени ноќи на терен, пожарот што го зафати Пелистер е ставен под контрола, информираат од Националниот парк „Пелистер“. Огнената линија се ширела низ шумски предел во кој доминираат црн и бел бор, а гаснењето било дополнително отежнато од непристапниот терен и неповолните временски услови. Станува збор за еден од најсложените пожари со кои се соочиле екипите во текот на оваа сезона.
Од Националниот парк посочуваат дека успешното справување со пожарот било резултат на координираната работа на повеќе институции и екипи. На терен непрекинато дејствувале припадници на НП „Пелистер“, територијалните противпожарни единици од Битола и Ресен, механизација на јавни претпријатија, ЈП „Стрежево“, припадници на Дирекцијата за заштита и спасување, доброволни противпожарни друштва, како и бројни доброволци и приватни стопанственици.
Во гаснењето од воздух биле ангажирани хеликоптери на Воздухопловниот винт на Армијата и противпожарни авиони „ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување.
Дел од екипите на терен останале ангажирани и повеќе од 48 часа без прекин. Од Националниот парк изразија благодарност до сите институции, организации, доброволци и граѓани кои помогнале во справувањето со пожарот.
Од НП „Пелистер“ нагласуваат дека координацијата на голем број копнени и воздушни сили на ограничен и тешко пристапен простор претставувала сериозен предизвик, но заедничкиот ангажман овозможил пожарот да биде ставен под контрола.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата