logo
logo
logo

Омразата на Апасиев кон новинарите бара акција, а не реакција

Vecer | 14.02.2023

Омразата на Апасиев кон новинарите бара акција, а не реакција

Знаете ли зошто Апасиев ги нарекува ЗНМ и новинарите „ШУПАЦИ“? Знаете ли зошто една ваква гнасна објава добива над илјада лајкови и му го полни егото на лидерчето на десната Левица и ја осилува неговата бот-армија?, пишува Сарачини за СМК.мк. Пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ Затоа што против Апасиев од новинарите, колку што е јавно познато, не е покрената ниту една тужба за клевета, навреда или кривична пријава за говор на омраза. За разлика од него, кој тужи новинари и за ситници. Затоа што на десетиците гнасни навреди и поттикнување омраза од Апасиев кон повеќе новинари низ годиниве, реакциите на ЗНМ (а и на другите медиумски организации) не можат да се избројат ниту на прстите на една рака. Затоа што не само новинарите, туку цела една јавност молчеше со години кон овие гнасни напади, со чест на исклучоците кои беа постојано жртви на оцрнувачки кампањи на Апасиев и неговите другарчиња. Затоа што утре, медиумите чии новинари се членови на ЗНМ, наместо да го бојкотираат овој мразач, ќе му објавуваат изјави во надеж дека ќе ќарат некој клик или лајк, придонесувајќи за популарноста на циркус-популизмот во политиката олицетворен во овој лик, а и за понатамошното тонење на квалитетот на политиката и на јавната дебата воопшто. Јаловите реакции на медиумските организации доаѓаат предоцна. Тогаш кога требаше да ги има, некои луѓе во новинарските здруженија се смееја на укажувањата за опасноста што доаѓа од овој лик, велеа дека „не е битен“, или не беше битен затоа што плукаше по други, а не по нив и ним блиските. Сега, кога Апасиев тропа и на нивна врата, можеби сфатија дека ѓаволот ја однел шегата. Наместо јалови реакции, потребна е акција. Потребни се тужби кон оние што плукаат по новинарите, кривични пријави за оние што поттикнуваат омраза и нетрпеливост. Потребна е солидарност меѓу новинарите и бојкот на мразачите. Тоа се решенијата. Не дека ќе послуша некој, но ете, Младиќот да повтори, да не биде дека не било кажано!  

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk