Рафинеријата Окта на државата треба да и исплати вкупно 13,9 милиони евра за неправилно пресметана акциза. Станува збор за пресметка на акцизите за увоз на еуродизел за периодот од 2014 до 2018 година.

Првиот пат е донесено решение за фискалната 2014-та кое предвидува рафинеријата на државата да и плати дополнителeн износ во висина од 23,4 милиони денари (380.000 евра), а вториот пат за 2015, 2016, 2017 година да се исплати уште 830 милиони денари (13,5 милиони евра).

„Во 2019 година Царинската Управа на Северна Македонија спроведе контрола во Окта поврзана со акцизите за увоз на еуродизел за 2014-2018 година. Според нивното мислење, акцизите за овие увози не биле правилно пресметани по што донесоа решение за фискалната 2014 година со кое се наметнува дополнителен износ од 23,4 милиони денари”, се вели во финансискиот извештај на компанијата за нафтени деривати.

Првата сума од 380.000 евра што Окта требало да ја плати како дополнителен износ за акцизата за 2014-та година, компанијата одлучила да ја плати, но истовремено започнала и судски спор. Оваа сума Окта ја исплатила на државата во 2020-тата година.

Во меѓувреме рафинеријата во 2019-та поднела тужба поведувајќи управни спорови заради целосно поништување на овие решенија.Образложението на компанијата било дека има суштински прекршувања на процедуралните правила од страна на царинските власти и нивни пропусти при целосното и правилно утврдување на фактите, како и за правилното применување на законите.

Заклучно со декември 2021-ва година, властите издале нови решенија. Овојпат Окта треба да плати дополнителен износ за акциза за еуродизел за фискалните 2015, 2016, 2017-та. Сумата што рафинеријата треба да и ја доплати на државата сега изнесува 830 милиони денари или 13,5 милиони евра.

На 31 декември 2021-ва Окта има направено резервации во висина од 954 милиони денари за потенцијални идни одливи на парични средства. Сепак, компанијата повторно за целиот случај бара судска разврска.

„Окта ја задржува својата позиција дека постапува во согласност со законските регулативи и согласно добиените експертски мислења има намера да ја оспори ваквата одлука до највисоките судски органи во држвата, како и доколку е потребно да ја доведе до интернационалните надлежни институции”, посочуваат од компанијата.

Инаку, ЕБИТДА на рафинеријата во 2021-ва достигнала 839 милиони денари, споредено со 630 милиони денари во 2020-тата, како резултат на добрите продажни перформанси, претпазливо управување со залихите, непречено снабдување и постојан раст на цените на нафтените деривати.