Тажната вистина за која како граѓани не сме ни свесни е дака меѓу нас живеат лица без документи, без матичен број, луѓе кои не можат да извадат Извод од Матичната книга за родени ниту државјанство од било која држава. Луѓе кои се толку маргинализирани што не можат да ги остварат своите основни човекови права како што се правото на здравствено осигурување и правото на образование. Де јуре не постојат во системот, тие се фантоми, де факто тие се тука, помеѓу нас се борат за егзистенција и барем за малку пристоен живот
Според проценките на невладините организации се работи за околу 700 вакви лица кои живеат во земјава. Најголемиот дел од нив се Роми. Во Извештајот на Народниот правобранител според податоците добиени од Управата за видење на матични книги се наведува дека повеќе од половина од неевидентираните лица, односно 60 отсто, се деца, на возраст под 18. Од вкупно евидентираните 659 лица кои немаат документи и чие раѓање не е запишано во матичната книга на родени повеќе од половина, односно 60 отсто (или 397) се деца на возраст до 18 години.
Пред повеќе години македонската јавност ја потресе случајот со петгодишното девојче од ромска националност која го изгуби животот одејќи си дома после целодневно просење. Преминувајќи ја улицата во населбата Топанско Поле во Скопје не го забележа возилото кое со голема брзина се движеше по булеварот. Пред голем број очевидци, лежеше безживотото тело на девојчето, иако веднаш беше пренесено во Ургентниот центар во Скопје, залудни беа сите напори да се спаси нејзиниот живот. Случајот немаше епилог, а возачот не одговараше за одземениот живот само затоа што девојчето не постоело во матичната евиденција на Македонија. Истиот случај беше и со деветгодишното момче од Тетово, пред многу години прегазено од возило што се движело со голема брзина. И покрај отворената судска постапка, возачот ја избегнал одговорноста, затоа што не можело да се докаже дека момчето навистина постоело.
Иако лицата без државјанство имаат право на основно, средно и високо образование под еднакви услови како и државјаните на Република Северна Македонија согласно Законите за основното, средното и за високото образование“ сепак, колку овие закони на кои се повикува МОН се имплементирани, покажуваат приказните.
„Не сум бил никогаш на училиште. Не бев ни запишан, не постоев. Јас имав многу голема желба да учам школо, да бидам образован. Да си знам сè во мојот живот. Да можам да си работам, да сфаќам некои работи“, вели дваесетгодишниот Емран од Прилеп за Радио МОФ.
Законот за неевидентирани лица во матична книга на родените е со важност до јуни 2022 година, а во пракса повеќе од половина од вкупно идентификуваните 732 лица, според најнов податок од Управата за водење на матични книги, не иницирале постапка за упис во Посебната матична книга на родените. Од друга страна пак, лицата кои имаат извод од посебната матична книга и идентификациона исправа, во пракса не остваруваат ниту едно од утврдените права како право на образование, здравствена заштита, социјална заштита и вработување со задолжително социјално осигурување.
Во текот на 2020 година, односно по донесување на Законот од вкупниот број неевидентирани лица поднесени се вкупно 184 барања за издавање на извод од посебната МКР, и уште 27 барања во периодот јануари-април 2021 година, односно вкупно се доставени 211 барања за упис во Посебната матична книга на родени.
„Управата за водење матични книги нема информација колкава е бројката на новородени деца по јавниот повик“, критикуваше заменичката-народен правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа.
Управата во одговорот до Народниот правобранител, напишала дека не располага ниту со информации за место на живеење на лицата, како и тоа колку од нив се пријавени во центрите за социјална работа согласно местото на живеење. Управата за водење матични книги, рече Бајрамовска – Мустафа, нема ниту податок за бројот на постапки кои што се во тек за дополнителен упис во матичната книга на родените заклучно со април 2021 година.
Според Анализата на Народниот правобранител од бројките добиени од невладините организации кои ги бараат на терен неевидентираните, т.е. лицата без матичен број и извод, 397 или 60 проценти од вкупниот број нив се деца под 18 години.
Од лицата кои го пополниле прашалникот и притоа се изјасниле за својата етничка припадност, најголем број, според податоците на Управата се Роми – 428, Албанци – 88, Турци -20, Бошњаци – 3, Срби – 2 и едно лице од влашката етничка заедница, кажа Бајрамовска-Мустафа.
Народниот правобранител, по сознанијата дека проблемите не се надминати на 24 март годинава ги повикал на разговор претставниците од државните институции (Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Управата за водење на матичните книги, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за образование и наука, и Агенција за вработување, но не и претставник од Министерството за здравство, иако биле уредно поканети) кои имаат обврска да го спроведуваат Законот за неевидентирани лица или да вршат надзор над неговото спроведување.
-На оваа средба се потврдија констатациите за неможност за имплементација на Законот за неевидентираните лица и неостварување на правата утврдени со истиот, поради што Народниот правобранител, согласно член 32 од Законот за народниот правобранител оцени за потребно да ја информира Владата на Република Северна Македонија со Посебна информација и предлог за преземање мерки, велат од Канцеларијата на народниот правобранител.
Имено, како што посочуваат оттаму, неспорно е констатирано дека овие лица и по добиениот евиденционен број кој треба да го замени единствениот матичен број, до упис на овие лица во редовната матична книга на родените, не можат да ги остваруваат правата кои се утврдени во член 2 од Законот за неевидентирани лица (право на образование, здравствена заштита, социјална заштита, вработување со задолжително социјално осигурување).
Ова, според народниот правобранител, преставува сериозен проблем, за кој под итно треба да се најде најсоодветно решение, во спротивно, како што истакнува, државата се доведува во состојба да има закон за кој не се создадени предуслови за непречено спроведување односно состојба на нерешавање на проблемот со неевидентираните лица.
Во овој контекст Народниот правобранител укажува дека ниту еден од ресорните закони кои поединечно ги утврдуваат горенаведените права не се усогласени со Законот за неевидентирани лица во матична книга, што се потврдува со фактот дека евиденциониот број кој го добиваат лицата во изводот од посебната матична книга на родените и кој е содржан во идентификационата исправа, не се препознава во интегрираниот систем на надлежните органи и инстиуции, па во пракса лицата имаат извод и исправа но не можат да остварат ниту едено од споменатите права.
Врз основа на горенаведеното, Народниот правобранител констатира повреда на правата на овие лица поради недоследна имплементација на Законот за неевидентирани лица.
-Имајќи го предвид изнесеното, како и фактот дека во изминатите две години откако започна примената на овој закон за ниту едно лице не е отпочната постапка за дополнителен упис во матичната книга на родените, а од друга страна неспорно, вака како што е конципиран Законот не нуди никаква можност за решавање на граѓанскиот статус односно државјанскиот статус на овие лица, што дополнително го комплицира остварувањето на уставните и законските права на овие лица, нагласува Зибери.
Токму поради тоа, народниот правобранител, препорачува Владата на Република Северна Македонија да преземе мерки за повторно продолжување на рокот на важење на Законот за неевидентираните лица во матичната книга на родените, и тоа најмалку за една година.
Автор: Мартина Басарова Ѓеровска
Текстот е изработен во рамки на проектот “Инспирирај, мотивирај, делувај за подобро
образование“, кој е дел од ARISE (Action for Reducing Inequalities in Education) и е
спроведен од страна на Центар за социјални иницијативи НАДЕЖ, а е финансиски
поддржан од ЕУ. Содржината е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин
не може да се смета дека гледиштата изразени во истата го одразуваат мислењето на
Европската Унија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата