Наместо лозје, фотоволтаици. Во Неготино, лозари си ги даваат нивите за да може на истите да се постават фотоволтаици за производство на електрична енергија.
Засега не се открива која е фирмата на која и го даваат земјиштето, но нивната пресметка е подобро да го дадат наместо секоја година да се во неизвесност дали ќе заработат од грозјето. Фондовото земјиште оди до 800 евра за декар.
Голем број на лозари од Неготино деновиве склучиле договор за продажба на своите лозја со фирма од земјава која планирала да гради фотоволтажни централи. Како што појаснуваат некои од лозарите за ,,Фокус”, тие веќе добиле капар за лозјата, и очекуваат наскоро да ја реализираат продажбата.
-Станува збор за лозја, повеќето од нив фондови, кои се протегаат на површина од околу 60-70 декари. Бевме контактирани од посредник на нова фирма, чии сопственици не се од Неготино, туку од други градови во земјава. Поради поволната местоположба и сончевите денови, интересот за изградба на фотоволтажни централи во овој дел од земјава, во близина на Криволак, најмногу им одговарал за проектот. Од лозје пари нема, па веќе добивме капар за лозјата, вели еден од лозарите за Фокус.
Додаваат дека и лозари чии лозја биле во нивна близина се заинтересирале за проектот, и самите се нуделе да ги продадат своите лозја, но фирмата не планирала повеќе да купува.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата