logo
logo
logo

Обид за УШТЕ ЕДНО СУДЕЊЕ БЕЗ ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА ДОКАЗИ. Адвокатката Бегова го напуштила

Vecer | 24.03.2026

Обид за УШТЕ ЕДНО СУДЕЊЕ БЕЗ ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА ДОКАЗИ. Адвокатката Бегова го напуштила

Во серијата судења последниве 10 години, уште едно во кое судија се обидува да ги “протне“ доказите на обвинението како “невидливи“ за јавноста, за обвинетите и одбраната. Да не се презентираат доказите јавно во текот на судењето, како што бара Законот за кривична постапка, туку само да се прочитаат насловите. 

Таквите појави се пресудени како недозволиви и од Судот за човекови права, а и во Судскиот совет во некои подобри времиња за такви појави на кои следеле и соодветни пресуди, се разрешувале судии, или биле деградирани на пониско судиско ниво.

Не мора ни да се биде правник за да е јасно дека обвинител не суди, дека судијата не му е извршител на обвинителот, и дека секој доказ од обвинението мора да биде јавно презентиран, да објасни обвинителот на кои околности се однесува, а одбраната има право на забелешка за секој од доказите ако има причина за тоа. На непрезентиран доказ, особено кога се работи за документи, нема услови да се даде забелешка дали е тоа оригинален документ или копија... Што е само една од причините да постои законска обврска за јавна презентација на доказите.

На денешното судење за предметот Онкологија 2 Анита Бегова, адвокатката на Нехад Нухи, еден од обвинетите, изрично побарала обвинителот да ги презентира и чита доказите според законската обврска но, судијката се согласила да се читаат само наслови од докумнетите без истите да бидат видени и прочитани, и да се даде право за забелешка од одбраната. Се работи за изведување материјални докази – околу 180 страници документи поврзани со набавки на лекови, договори за јавни набавки и финансиски извештаи. “Ги има во вештачењето...“ изјавила обвинителката Ана Гоговска.

Адвокатката Бегова инсистирала на целосна презентација на доказите. Од вештачењето се дадени на УСБ во форма на слики и не е можно да се утврди нивната веродостојност, додека не се видат дали се оригинални или копии... Но, судијката Славица Наумова Јосифовска ја подржала обвинителката и решила - да не се презентираат доказите.

По ова адвокатката Бегова забележала дека судењето е надвор од правните норми, дека Обвинителството се става во улога на судија а на одбраната и се одзема правото на равноправност пред судот. “На вакво нешто јас нема да присуствувам...“ изјавила Бегова и ја напуштила судницата. 

Судијката ова го ценила како нарушување на дициплината и угелдот на Судот и изрекла казна од 500 евра на терет на адвокатката. Патем, објавила дека за обвинетиот Нехад Нухи ќе се определи адвокат по службена должност што, ви никој случај, не е овластување на судечкиот судија особено ако обвинетиот сам не откаже полномошно или истото не го откаже адвокатката што, во случајов, не се случило.

Што вели Законот за кривична постпка (ЗКП) за презентација на доказите во кривичната постапка.

7. Доказна постапка

Член 382

Изведување докази

(1) Доказите се изведуваат по следниов редослед, и тоа:

1) докази на обвинението и докази врзани со имотноправното барање;

2) докази на одбраната;

3) докази на обвинението за побивање на доказите на одбраната (реплика) и

4) докази на одбраната како одговор на побивањето (дуплика).

(2) Во текот на главната расправа секоја од странките може со согласност на другата странка, да се откаже од изведување на доказот кој бил предложен.

Член 392

Записници за доказен материјал

(1) Материјалните докази како записник за увид, потврда за одземени и вратени предмети, книги, списи и друго, кои не се повторливи на главната расправа, ќе се внесат во записникот за главна расправа.

(2) Доказите од ставот (1) на овој член се доставуваат во оригинал.

(3) По исклучок од ставот (2) на овој член може да се користи како доказ и заверен препис или заверена копија.

(4) Доказниот материјал од ставот (1) на овој член се чита ако странките поинаку не се договорат.

На барање на одбраната доказите на Обвинителството да се презентираат и читаат судијката тоа го одбива по што настанува дијалог помеѓу неа и адвокатката Бегова со завршница како што е опишана.

Адвокатсклата канцеларија Бегова се произнесе по овој настан со напомена дека е извршено очигледно прекршување на ЗКП на штета на одбраната и потврди дека останува бранител на обвинтиот Нухи се додека тој не реши поинаку или канцеларијата не се повлече од судењето.

Ставот на Адвокатската канцелариja Бегова е објавен на Фејсбук https://www.facebook.com/begovalaw

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk