Денес во Загреб, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ ја повтори својата поддршка за С. Македонија на патот кон ЕУ, земја која е кандидат за членство повеќе од дваесет години, по повод официјалната посета на претседателката Гордана Силјановска-Давкова на Хрватска.
Бугарска блокада по грчката
По години грчка блокада, која беше отстранета само со промена на името на земјата во Северна Македонија, со цел да се разликува од грчката покраина, Бугарија стави вето на европскиот пат.
Пленковиќ ја повтори својата „силна поддршка за почеток на преговорите и нагласи дека Хрватска е сè уште подготвена да помогне во пренесувањето на своето знаење и искуство во тој процес“, се вели во соопштението на владата.
Силјановска-Давкова претходно на средбата со претседателот Зоран Милановиќ изјави дека на Македонија постојано ѝ се наметнуваат нови услови и барања кои немаат никаква врска со Копенхашките критериуми, нагласувајќи дека ова е „директно мешање во внатрешните работи на суверена држава“.
Безбедност, енергија и права на малцинствата
Пленковиќ и гостинката од Скопјe разговараа и за безбедносните, економските и енергетските последици од конфликтот на Блискиот Исток, како и за соработката во рамките на НАТО.
Други теми беа билатералната соработка, понатамошното зајакнување на партнерските односи меѓу двете земји, како и меѓусебната заштита на малцинствата, која, како што е оценето, е на високо ниво.
„Кога станува збор за економската соработка, нагласен е континуираниот раст на трговијата во последните години. Потенцијалот за развој на соработката постои во бројни области, од транспорт, инфраструктура и енергетика до одбрана, фармацевтска и прехранбена индустрија, земјоделство и ИТ сектор“, се додава во соопштението.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата