Утре започнува новата учебна година, а училишните клупи повторно ќе се наполнат со ученици низ Македонија. За околу 14.500 првачиња, првиот септември ќе биде посебен ден – првпат ќе седнат во училишните клупи, ќе ги запознаат наставниците и новите соученици и ќе го направат првиот чекор во образованието. Сепак, бројката сè уште не е конечна, бидејќи дополнителниот упис ќе трае до крајот на септември, а според најавите на министерката за образование и наука Весна Јаневска, по завршувањето на уписот се очекува бројот на првачиња да биде најмалку 3.000 помал во споредба со минатата учебна година.
Намалувањето на бројот на учениците ќе има влијание и врз организацијата на наставата. За учебната 2026/2027 година се очекуваат околу 200 паралелки помалку во основното и 100 помалку во средното образование.
Дополнително, најавено е затворање на 26 рурални училишта во кои нема запишано ниту едно прваче. Во дел од овие училишта досега наставата ја следеле само по пет до осум ученици.
Конечниот број на основци и средношколци што ќе ја започнат наставата утре сè уште не е објавен. Според последните целосни податоци на Државниот завод за статистика, на почетокот на учебната 2025/2026 година во редовното основно образование биле запишани 174.040 ученици, а во средното образование 67.540, односно вкупно 241.580 ученици.
Во прво одделение минатата учебна година биле запишани 17.921 ученик. Во споредба со досегашната бројка од околу 14.500 првачиња, годинава се забележува значително намалување, но конечната разлика ќе биде позната по завршувањето на дополнителните уписи.
Од Министерството за образование и наука информираат дека учебниците се дистрибуирани и веќе се наоѓаат во училиштата. Согласно календарите за организација на работата на основните и јавните средни училишта, наставата започнува на 1 септември.
Во пресрет на првиот училиштен ден, до возачите се упатува апел за зголемена внимателност во близина на училиштата, пешачките премини и автобуските постојки, каде што во наредниот период ќе има значително поголемо присуство на деца.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата