Новата Клиничка болница во Штип влегува во нова фаза на реализација. Минситерот за здравство Сашо Клековски, директорот на Фондот за здравствено осигурување Златко перински, градоначалникот на Штип Иван Јораднов и лекарскиот тим од Клиниччката болница, заедно со делегација на Светска банка, го разгледаа концептот за завршување и целосно опремување на современиот болнички комплекс.
Инвестицијата вредна околу 6,7 милијарди денари, или приближно 109 милиони евра, треба да донесе нов здравствен стандард за источнит регион и да го намали притисокот врз скопските клиники, каде со години се упатуваат голем број пациенти од овој дел од државата.
Проектот предвидува завршување на главниот болнички објект, современа медицинска опрема и функционално поврзување на сите одделенија.
„Завршувањето на Клиничката болница Штип е долг кон граѓаните на источна Македонија. Сакаме овде пациентите да добиваат навремена и квалитетна здравствена услуга, а здравствените работници и студентите да имаат современи услови за работа, практична настава и професионален развој“, истакна министерот Клековски.
Клиничката болница Штип е единствениот клинички регионален центар во источниот дел на државата. Таа директно им служи на околу 150.000 граѓани, а нејзиното пошироко гравитациско подрачје опфаќа приближно 250.000 жители.
Со завршувањето на комплексот, како што најавија надлежните, пациентите ќе добијат подобра дијагностика, третман и итна медицинска помош поблиску до местото на живеење. Истовремено, додаваат, ќе се намалат упатувањата кон Скопје, а ќе се создадат подобри услови за развој и задржување на младиот медицински кадар во регионот.
Со претставниците на Светска банка беа разгледани техничките и финансиските анализи, моделот на финансирање, проектната документација и механизмите за контрола на квалитетот, трошоците и роковите.
„Министерството за здравство, во координација со Фондот, Општина Штип, Клиничката болница и другите надлежни институции, ќе обезбеди транспарентност и строг надзор во секоја фаза од проектот. Новата Клиничка болница Штип ќе значи посилно здравство, помал притисок врз Скопје и квалитетна здравствена услуга поблиску до граѓаните на Источна Македонија“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата