logo
logo
logo

НОВ ПРЕСВРТ СО СОЅИДАНИТЕ 350.000 ЕВРА: Ракописот на ливчињата е од мајката на судијата Ристов, тврди вештак

Vecer | 22.10.2026

НОВ ПРЕСВРТ СО СОЅИДАНИТЕ 350.000 ЕВРА: Ракописот на ливчињата е од мајката на судијата Ристов, тврди вештак

Нов момент во судскиот процес против разрешениот апелациски судија Ѓоко Ристов, во чиј семеен дом во Неготино беа пронајдени 350.000 евра сокриени во ѕид. На денешното рочиште, вештак ангажиран од одбраната посочи дека ракописот на ливчињата со запишани суми, пронајдени покрај дел од парите, ѝ припаѓа на мајката на обвинетиот. Таа претходно тврдеше дека парите се семејна заштеда заработена од земјоделие. Ристов се товари за противправно стекнување и прикривање имот и перење пари.

Одбраната го прашуваше Зориќ за купување на стан на улицата Варшавска. Сведокот рече дека квадратурата на станот е околу 150 квадратни метри, бил купен за 140.000 евра и двете семејства се договориле да учествуваат со еднакви износи.

– Го уплати сватот, таткото на Ѓоко, тој беше слободен да ја следи изградбата. Заеднички го финансиравме станот, по 70.000 евра двете страни, ние за нашата единствена ќерка и сватот за својот син Ѓоко. Со изјава на нотар дека станот дополнително ќе биде впишан на мојот единствен внук Ивица Ристов Зориќ. Ние на една фамилијарна средба на сватовите им дадовме 70.000 евра, а се договоривме и да учествуваме и во опремувањето. Парите беа во евра, во банкноти од 200 и 500 евра – рече сведокот Ивица Зориќ.

Зориќ рече дека семејството имало добра материјална состојба и дека дел од имотот го наследиле од неговиот дедо, кој имал позната фабрика за чевли во поранешна Југославија и извезувал во странство.

Обвинителката Искра Хаџи Василева рече дека било симпатично да се слушнат нивните семејни практики и сакаше да праша и за стан во Охрид, но одбраната даде приговор дека тоа не е вкрстено прашање, бидејќи такво нешто не е споменато во директното испитување. Судијката Билјана Коцевска не го дозволи прашањето.

По рочиштето, прашан дали судот треба да му верува на исказот на родинината на Ристов кој не понуди материјален доказ за дадените пари, бранител на Ристов, Звонко Давидовиќ рече дека отсуството на материјален доказ за предавањето пари не би требало да има пресудно влијание, бидејќи и Обвинителството се потпира на недоволно поткрепени тврдења.

– Најдени пари во куќа и ѕид на друго лице, тврди дека се негови, при што вели: „Не постои ни еден коруптивен предмет кој јас можам да го кажам и од каде што се земени парите“. Ние веќе неколку месеци водиме постапка на „жими мајка“ – изјави Давидовиќ.

Вештакот на одбраната Емилио Фришќиќ сведочеше дека ливчињата со испишани суми, кои беа најдени на дел од соѕиданите снопчиња со евра, ги пишувала мајката на обвинетиот судија, Донка Ристова, која тврдеше дека парите се нејзини и на нејзиниот сопругм заработени од земјоделие.

Фришчиќ објасни дека повеќе од 25 години работел во Министерството за внатрешни работи, вклучително и на раководни функции, а неговата стручност опфаќа испитување на спорни документи, ракописи и потписи, како и откривање фалсификати, хемиски бришења и други интервенции врз документи.

– Во врска со трите ливчиња со рачно напишани цифри, пронајдени во полиетиленските кеси во кои имало снопови пари, тие не се напишани од Ѓоко Ристов. Ракописот и цифрите на спорните документи не потекнуваат од раката на обвинетиот. Како автор на запишаните цифри ја идентификувам мајката на обвинетиот, Донка Ристова – рече Фришчиќ.

Адвокатката на обвинетиот Ристов праша дали при пишување, на листот хартија остануваат биолошки траги.

– Не секогаш остануваат траги. Ако лицето кое пишува со површината на кожата допира на хартијата, се оставаат епителни клетки. Но ако лицето носи ракавици и пишува и не ја допира хартијата, во таков случај нема да има ДНК, со сигурност – рече вештакот.

Според обвинителката Хаџи Василева, вештачењето е професионално изработен наод, со јасно определени критериуми и методологија, но го оцени како спин.

– Вештачењето јасно покажува дека ливчињата што биле најдени во парите се испишани од мајката на Ѓоко Ристов, Донка Ристова. Тоа дава интересен агол во вкупниот контекст на доказите, но одбраната повторно се обиде да направи спин и да ги поврзе ливчињата со ДНК-материјалот најден на фолиите – рече таа.

Според обвинителката, одбраната се обидела да ги поврзе белешките испишани од мајката на судијата со ДНК материјалот пронајден на фолиите, за кој таа тврди дека му припаѓа на обвинетиот Ристов.

– Веројатно спинот беше на линија на некаква контаминација, но тешко е да поверуваме дека ливчињата Донка ги допирала или ги триела од обвинетиот Ѓоко, па теоретски да дојдеме до некое хипотетичко и фантастично сценарио дека оттука доаѓа до пренос на ДНК-материјал – изјави обвинителката.

Таа најави дека прашањата поврзани со ДНК доказите ќе бидат дополнително разгледувани на следното рочиште, кога треба да сведочи вешто лице предложено од Обвинителството.

Според Хаџи Василева, тогаш ќе се разгледуваат и правилата за пренесување и толкување на ДНК материјалот, кои се важни за оценување на доказите во постапката.

За исказот на Ивица Зориќ рече дека не заслужува особен коментар затоа што се однесува на факти кои се целосно неспорни, а не се предмет на обвинението.

Одбраната на денешното рочиште рече дека најверојатно ќе го повлекува предложениот сведок Љупчо Пецов-Ѓаволот, затоа што не може да го најде.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk