Дел од автопатот Прилеп-Битола, според најавите, ќе стане реалност до следната пролет, а целосно готов ќе биде во 2029-та година.
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски беше гостин во НАТКАСТ на КУРИР со Љупчо Цветановски и оцени дека добро оди работата на овој пат. Сепак, истакна дека се соочуваат со еден проблем.
-Имаме само една опструкција. Се работи за десетина сопственици на диво изградени вили и хациенди со базени во околината на Прилеп. Имајќи предвид дека на целата траса помеѓу Битола и Прилеп затоа што е рамничарска положбата, поминува низ Пелагонија, не може да се најде материјал, народски кажано тампон, со кој што може да се гради овој автопат. И локацијата е во близина на месноста Ореовец. Таму има десетина буџовани кои ги штитат своите хациенди и вили и не му дозволуваат на изведувачот да пристапи кон наоѓалиштето иако на приватниот изведувач кој што има во соседството наоѓалиште, него му дозволуваат, рече Николоски во НАТКАСТ.
Вицепремиерот обелодени дека штетата може да биде навистина голема. За него е јасно дека таму има агенди.
-Да знае јавноста дека штетата по однос на државниот буџет може да достигне до 100 милиони евра имајќи предвид дека сега сме приморани да купуваме материјал од приватни каменоломи и да праќаме за неговиот транспорт. Кога ќе ја пресметате цената на материјалот и на транспортот може да стигне до 100 милиони евра кои што можеме да ги вложиме за целиот регион да се трансформира, а ние треба да ги даваме по приватни џебови. Јасно е таму дека има агенди, само се прашувам дали се агендите бизнис и политички или се само бизнис, рече тој.
Николоски во НАТКАСТ вели дека очекува во најбрзо време да се отстрани таа блокада и да се почне и таму со работа.
Целото гостување на вицеппремиерот гледајте го во видеото во продолжение:
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата