Нашиот став е јасен и непроменет и нема цена што може мене како претседател на Владата да ме натера да влезам во таква авантура, а во која нема да има извесен крај - изјави денеска претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во врска со вчерашната посета на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и ставот дека мора да се донесат уставни измени за да почнат преговорите за влез во ЕУ.
Мицкоски беше дециден дека за овие 26 години многупати ни беа давани ветувања за отстапки, но и дека ставовите кај нашиот сосед во однос на ова прашање се радикализираат. Тој ги повика граѓаните да се обединат за ставот на Владата по ова прашање.
- Ние со господинот Кошта имаме изградено, навистина би рекол, искрен однос. Тоа не значи дека секогаш се сложуваме. Една од темите за која не се сложуваме е токму оваа за која вие денеска зборувате. Нашиот став е јасен и непроменет. Со други зборови, еве да го повторам: нема цена што ќе нè натера да влеземе во авантура, без притоа да знаеме дека таа авантура ќе има извесен крај. Не постои цена што може мене како претседател на Владата да ме натера да влезам во таква авантура, а во која што нема да има извесен крај - истакна Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата