Претедателот на Владата и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоcки вечерва на трибина во Прилеп, пред граѓаните даде отчет за сработеното во изминатата година, и притоа соопшти дека во наредниот период ќе бидат објавени две мерки за самовработување.
Ќе направиме, почитувани прилепчани уште многу работи заедно. Свесен сум дека се живее тешко и нашата желба е тоа да го смениме. Затоа во наредниот период ќе бидат објавени две мерки, истакна премиерот Христијан Мицкоски вечерва од Прилеп.
– Првата, во рамки на мерката за поддршка за самовработување, предвидуваме 7.000 евра по лице, за самовработување на младо лице до 29 години предвидуваме неповратна поддршка од 10.000 евра, додека за здружување на корисници до две лица да основаат бизнис, висината на финансиска поддршка изнесува од 14.000 до 20.000 евра при што 20.000 евра се однесува содружници кои се до 29 години. На овој начин ќе обезбедиме поддршка на приватната иницијатива и потикнувам што повеќе луѓе ова да го искористат, рече премиерот Мицкоски.
Со втората мерка Вработување и раст на правни субјекти се предвидува да се опфатат 1720 лица, каде при вработување на млади лица предвидена е највисока сума во износ од 250.000 денари. Мицкоски притоа потсети дека во изминатата година откако тој ја презема Владата отворени се нови 15.000 работни места. На овој начин ќе се олесни процесот на вработување и придвижување на процесите.
Мицкоски истакна дека состојбата е конечно стабилизирана и дека може да се зборува за економски раст.
– Не почнавме од нула, почнавме од минус, рече Мицкоски, додавајќи дека разбира дека очекувањата се се повисоки. Вели дека треба трпеливо и чесно да се продолжи да се работи, како и дека најдоброто допрва ќе се случи.Оваа година, како што рече Мицкоски, минала без ниту една афера за членовите на Владата.
- Наследивме систем што се кршеше и паѓаше, институции што изгубија доверба, луѓе што изгубија верба. Но, не се предадовме. Не го оставивме својот дом во рацете на минатото. Ги ставивме првите тули на новите темели, со посветеност и љубов кон секој човек, секоја заедница, секој сон. Ги поставивме столбовите што ќе го издржат товарот на иднината. Ги засиливме носечките што ќе ја држат оваа земја исправена и горда. Овие темели не се само тули, или камења и бетон. Тие се секој наш збор, секој наша капка пот и секој чекор што го правиме за тебе, за твоето семејство, за твојата иднина. Овие темели се твојата доверба, твојата борба, твојата вера дека Македонија заслужува повеќе – заслужува правда, ред, развој и почит. Тие темели се почеток на новата ера. Време кога Македонија повторно ќе биде твоја – земја на можности, земја на човечност и вредности, земја во која секој ќе може да се гордее, посочи премиерот Мицкоски.
- Ние не ветуваме брзи решенија, затоа што знаеме дека вистинските промени бараат време, трпение и упорност. Но, знаеме и дека секој ден на напредок е ден на победа.
Секој ден е борба за достоинство, за иднината што ја заслужуваме. За децата што ќе растат во безбедна и чесна земја. За сите нас што веруваме дека можеме и мораме подобро, рече премиерот.

Премиерот истакна дека како Влада имаат одговорност да го заштитат македонскиот идентитет и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да го прави тоа.
-Кога ќе погледнам во очите на луѓето кои секојдневно ги среќавам, знам дека морам да направам сè што можам за да имаат подобар живот. Така и ја гледам Македонија – со љубов и одговорност. За тебе, за твоето семејство, за иднината што ја градиме заедно, за надежите кои не смеат да се изневерат, рече Мицкоски.
Според него, за опозицијата секогаш Македонија била понижена, тоа е нивната слика и нивната идеја, тоа е нивниот слоган.
– За нас секогаш Македонија била света работа, горда, исправена и нашата борба е таа да биде повторно ваша, рече тој.
Прмиерот Мицкоски ги нагласи достигнувањата на неговата Влада изминатата година.
-Од последни во Европа по странски инвестиции, до први во Европа со 1 милијарда и двесте педесет и пет милиони евра што е најдобар резултат од независноста до денес.Од двоцифрена инфлација до ниска 2.7% за месец март. Порано растеа само платите на функционерите, а денес растат платите на работниците од 9 до 10 проценти на годишно ниво. Од индустриското производство кое беше минус 2, до раст на индустриско производство за март од 5.2. Од автопат Кичево Охрид кој стагнираше, и беше најважно подизведувачите да се од Кичевски Зајас или струмичко до автопат кој се гради и кој за една година ќе биде готов. Од купување на трговски центри, соварии, до работа на експресен пат за Прилеп и автопат за Битола. Затоа што нема повеќе тендери во 4 очи и денес има одговорност, рече Мицкоски.

Посочи на стратешкото партнерство со Обединетото Кралство, но и дека се обезбедивме на 500 милиони евра поддршка на компаниите за реализација на инвестициски циклус и за поддршка на општините за реализација на капитални проекти за подобрување на животот на граѓаните.
– Обезбедивме раст од БДП 3,2%. Македонската економија на 4-то место во Европа според растот на БДП. Првпат по седум години намален е јавниот долг, заклучно со март 2025 година има намалување 4,7 процентни поени во однос на БДП. Буџетскиот дефицит е намален за 4% од БДП. Платите растат, повисоки плати во администрација, здравство, образование, полиција и култура. Целосно е отплатена Еврообврзницата издадена во 2018 година, во износ од 500 милиони евра, рече премиерот.
Како што посочи, направено е намалување на царинските стапки за 67 стоки кои како суровини и репроматеријали се користат во домашната индустрија и целосна либерализација на увозот на стоки со потекло од САД како наш стратешки партнер, 120 нови електронски услуги за граѓаните на националниот портал uslugi.gov.mk, признавање на електронските документи како целосно валидни, а државата за прв пат добива закон за безбедност на мрежи и информациски системи.

– Се подготвува издавање во електронска форма личната карта и возачка дозвола и се спроведе забраната за 226 нелегални приредувачи на онлајн игри на среќа. И она што е важно за Прилеп, обезбедивме и исплативме над 9 милијарди денари субвенции за земјоделците. По претходно спроведена постапка обезбедени се вкупно 967 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост со вкупна површина од околу 2.700 ха. Откупувачите на тутун ја дополнија откупната цена од 375 на 400 денари за откупен тутун прва класа, се зголеми субвенцијата од 80 на 100 денари за килограм, рече Мицкоски во Прилеп.
Најави, како што кажа, нова ера во Македонија, која ќе стане земја на можности, на човечност и вредности, земја во која секој ќе може да се гордее.
Не ветува брзи решенија, затоа што вистинските промени бараат време, трпение и упорност. Секој ден на напредок, додава, е победа.
-Оваа година беше година на напорна работа, на посветеност и на враќање на довербата, консолидирање на состојбите и стабилизација. Година во која секој од нас даде дел од себе за да го изгради новиот пат на Македонија, година во која свесни за огромните очекувања и досега многупати изневерените надежи, ние се трудевме да направиме стабилизација која ќе потткне развој, консолидација која ќе донесе раст. Затоа денес, гледаме напред со увереност и со срце полно надеж. Времето на Македонија допрва доаѓа, рече Мицкоски.
На трибината во Прилеп зборуваа министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, министерот за дигитална трансформацијат Стефан Андоновски, директоркат на УЈП Елена Петрова и пратеникот Бојан Стојановски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата