logo
logo
logo

МВР СО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ДО СОПСТВЕНИЦИТЕ НА ДРОНОВИ: Не летајте каде што може да ги загрозите полициските хеликоптери!

Vecer | 21.08.2026

МВР СО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ДО СОПСТВЕНИЦИТЕ НА ДРОНОВИ: Не летајте каде што може да ги загрозите полициските хеликоптери!

Зголемениот број летови на хеликоптерите на МВР поради гасење пожари и други оперативни активности носи и дополнителен ризик во воздушниот простор, поради што од Министерството упатија предупредување до сопствениците и операторите на дронови. Од МВР ги повикуваат сите кои управуваат со беспилотни воздухоплови строго да ги почитуваат правилата за безбедно користење на воздушниот простор, особено во период кога полициските хеликоптери се интензивно ангажирани на терен.

Хеликоптерите на МВР во моментов се користат за гасење пожари, извидување, транспорт и други оперативни задачи низ целата држава, па секое неодговорно летање со дрон може да го загрози безбедното извршување на нивните мисии. Министерството затоа апелира до граѓаните и операторите да бидат особено внимателни и да ги почитуваат сите пропишани правила и ограничувања.

-Поради природата и итноста на задачите, местото, времето и маршрутата на движење на полициските хеликоптери не секогаш можат однапред да бидат предвидени, особено при интервенции поврзани со пожари и други итни настани.

Од тие причини, МВР упатува сериозен апел и предупредување:

Лицата кои не ги исполнуваат законските услови за управување со беспилотни воздухоплови – дронови и немаат соодветни одобренија, регистрации или сертификати кога тие се задолжителни, да не вршат операции со дронови спротивно на важечките прописи.

Операторите кои ги исполнуваат пропишаните услови се должни операциите да ги вршат исклучиво во согласност со важечките воздухопловни прописи, ограничувањата на воздушниот простор и условите утврдени од надлежните воздухопловни органи, вклучително и потребните најави и координација со надлежните служби за контрола на летањето, кога тоа е пропишано.

Доколку оператор на дрон забележи или слушне полициски хеликоптер во близина, должен е веднаш и без одлагање безбедно да го приземји дронот.

Во ниту еден случај не смее да се управува со дрон во насока кон хеликоптер, да се приближува до него, да се следи неговото движење или да се снима од непосредна близина.

Особено нагласуваме дека присуството на дрон во зоната во која дејствува хеликоптер претставува сериозна опасност за безбедноста на летот. Судир на дрон со хеликоптер може да предизвика сериозно оштетување, губење на контрола над воздухопловот и директно загрозување на животот на екипажот, како и на лицата и имотот на земја.

Ризикот е дополнително зголемен при операции за гасење пожари, кога хеликоптерите летаат на мали височини, во услови на чад, намалена видливост, турбуленција и високо работно оптоварување на екипажот, при што навремено забележување и избегнување на мал беспилотен воздухоплов – дрон може да биде исклучително тешко.

Појавата на дрон во оперативната зона може да доведе и до целосен прекин или одложување на летачките операции, со што директно се намалува ефикасноста на интервенцијата и дополнително се загрозуваат населението, пожарникарите, имотот и природните ресурси.

Министерството за внатрешни работи ќе презема соодветни мерки за утврдување на идентитетот и одговорноста на лицата кои со незаконско или небезбедно управување со беспилотни воздухоплови ја загрозуваат безбедноста на воздушниот сообраќај и полициските воздухоплови.

За непочитување на законските обврски и за дејствија со кои се создава опасност за воздухоплов, екипаж или други лица, ќе се преземаат прекршочни и, кога се исполнети законските обележја, кривични мерки согласно важечките прописи. За слични вакви евидентирани случаи надлежните служби веќе постапуваат во рамките на своите законски овластувања.

Министерството апелира до сите граѓани и оператори на дронови да покажат максимална одговорност и дисциплина.

Безбедноста на екипажите кои секојдневно се ангажирани во заштита на граѓаните и справување со пожарите мора да биде заедничка одговорност на сите, стои во соопштението на МВР.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk