Изборите се демократски чин преку кој ја изразуваме својата суверена волја. Секој изборен процес е важен, но овие избори се од суштинско значење, како за опстојот така и за сегашноста и иднината на народот и државата, се вели во соопштението на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, скопска епархија.
-Изборите се можност кои ни се дадени за да учествуваме во креирањето на сопствената сегашност и иднина, а со тоа и иднината на поколенијата по нас. Слободната волја и правото на избор се дар од Бога дадени секому. Па, наша должност е да го искористиме и овојпат тоа право!
Затоа, почитувани верници на Македонската православна црква и сите граѓани, Ве повикуваме да излеземе масовно и да гласаме! Бог да ја благослови Македонија, велат од МПЦ-ОА.
Струмичката православна епархија ги повикува своите верници да излезат на гласање на редовните претседателски и парламентарни избори и да гласаат според својата совест, е објавено на страната на МПЦ.
Во Македонија денеска се одржуваат двојни избори, втор круг од претседателските избори и парламентарни избори.
На двојните избори се гласа на 3.480 гласачки места во 80 општини во Македонија.
За претседателските избори право на глас имаат 1.814.317 избирачи, додека на парламентарните избори 1.815.350 избирачи.
Разликата во гласовите е 1033, генерално поради граѓани кои стекнуваат полнолетство.