logo
logo
logo

Може проширување и пред 2030 ГОДИНА, АМА - Министерката Бун ја дообјасни пораката на Макрон

Vecer | 29.08.2023

Може проширување и пред 2030 ГОДИНА, АМА - Министерката Бун ја дообјасни пораката на Макрон

Следното проширување на ЕУ е можно и пред 2030 година, но претходно Унијата треба да се реформира како и самите земји кандидати, истакна француската државна секретарка за Европа, Лоренс Бун на панел дискусија одржана во рамки Бледскиот стратешки форум.

Оваа порака на Бун следува по вчерашната изјава во Блед на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел дека ЕУ треба да биде подготвена за ново проширување во 2030 година, како и по изјавата на претседател на Франција Емануел Макрон на годишниот состанок со француските амбасадори, дека ЕУ треба да размисли за „Европа со повеќе брзини“ за да се справи со проширувањето.

Според Бун, оваа изјава на Макрон не значи затворени врати за земјите кандидатки.

– Ние сме сега 27 земји, а можеби ќе бидеме и повеќе од 35, со надеж тоа да се случи што побргу. Знам дека Шарл Мишел рече до 2030 година, но може да биде и порано. Но, она што ни треба е да се реформираме себеси, како и земјите кандидати. Можеби не го правевме тоа многу добро во минатото, можеби треба да сме повеќе инволвирани, да помагаме повеќе, да бидеме подинамични во процесот на проширување за да избегнеме замореност и да ги направиме придобивките од идното членство во ЕУ поопипливи за земјите кандидати. Тоа се нашите задачи – истакна Бун.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во Блед остварил билатерална средба со Бун, па на својот профил на Фејсбук искажа оптимизам за евроинтеграцискиот пат на Македонија.

„Благодарност за засилениот фокус на Франција во однос на ЕУ перспективата на нашата држава, но и на целиот Западен Балкан. Северна Македонија е посветена на пристапниот процес за членство во европското семејство, а ЕУ треба да најде начин да нѐ вклучи постепено во нејзините политички, економски и административни структури и во структурните и кохезивните фондови уште во текот на преговорите. Само така ќе се справиме со привилегиите и обврските од идното членство“, напиша Османи.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk