logo
logo
logo

МОН за дигиталните учебници: Промените мора да се случат и се во согласност со времето во кое младите живеат

Vecer | 15.05.2021

МОН за дигиталните учебници: Промените мора да се случат и се во согласност со времето во кое младите живеат


Министерството за образование и наука (МОН) целосно го легитимира правото на протест на граѓаните, затоа што е уставно загарантирано.

Но сепак, како што велат од оваа институција, причината поради која се користи ова право, не е оправдана, алудирајќи на денешните протести на кои родители се собраа против воведувањето на диигитални учебници.

„Апсурдно е да се протестира против дигитализација на образованието, ако се има предвид дека тоа е глобален процес кој се случува во голем број земји во светот, а Северна Македонија мора да фати чекор со современите трендови и да се приближува кон стандардите за квалитет на образование, кои ги наметнуваат развиените општества“, се вели во соопштението на ресорното министерство.

Од таму додаваат дека промените мора да се случат.

„Новините се предизвик за сите, но од нив не треба да се откажуваме, туку напротив заедно и транспарентно да продолжиме да работиме на нивно интегрирање во системот. Законското решение кое се однесува на материјалите за учење е целосно во согласност со времето и ерата на ИТ технологијата во која младите живеат и за најголем дел од нив, примената на електронски уред за совладување на одредена наставна материја или тема, пребарување и истражување на податоци преку интернет не претставува проблем, туку вообичаена практика која со законот ќе стане достапна за сите, вклучително и за учениците од социјално ранливите семејства“, наведено е во соопштението во кое се додава дека придобивките од новиот закон, согласно планот за имплементација на реформите, етапно ќе стануваат достапни за учениците од различни одделенија во следните 5-6 години.

Од МОН порачуваат дека всушност ова е првиот недискриминирачки Закон за учебници кој ќе биде донесен во државата.

„Преку поставување на повеќе филтри низ постапката за изработка и усвојување на учебниците, а воедно и со вклучување на граѓанскиот сектор во целиот процес, се елиминира веројатноста за појава на несоодветни содржини и грешки од било каква природа. Во учебниците се воведуваат теми од областа на мултикултурализмот, толеранцијата, почитување на различностите како вредности кои мора да ги поседува секој европски и граѓанин на современо општество. Можноста за ажурирање на учебниците секоја година, пак, значи дека повеќе ќе нема да се применуваат учебници со застарена содржина“, стои во реакцијата.

Од министерството воедно апелираат до сите кои сакаат да придонесат за унапредување на законското решение кое достапно на веб-страната на МОН, тоа да го сторат преку повеќето канали за непосредна комуникација.

„Промените се и одговор на долгогодишните барања на наставниците и на многу генерации на ученици. Токму поради нивниот интерес и обезбедување поквалитетно образование, а со тоа и подобра иднина, да бидеме сплотени во заложбите и да им овозможиме развој и целосна реализација на личниот потенцијал во границите на сопствената земја“, се вели во соопштението на Министерството за образование и наука.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MEDIANET LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk