logo
logo
logo

Милошоски со детали - зошто нема истрага за нелегалниот рудник за криптовалути во ГТЦ

Vecer | 16.11.2021

Милошоски со детали - зошто нема истрага за нелегалниот рудник за криптовалути во ГТЦ

Полициската акција во подрумските простории на Градскиот трговски центар (ГТЦ), каде што наводно се ископувале криптовалути на див приклучок на струја, во моментов е прекината. Како што објави ТВ21, полицијата си заминала без воопшто да влезе во подрумските простории, но затоа, пак, новинарите влегле и ги пронашле „мајнерите“ кои биле поставени за „копање“ криптовалути.

Пред самиот влез во просториите, како што забележала екипата на ТВ21, поставено било комбе кое на тоа место стоело повеќе од една година и е на некој начин маскирано. Како што пренесува телевизијата, во случај на полициска акција, било планирано машините да бидат внесени во комбето со цел да не бидат запленети.

ТВ21 уште пред една година пишуваше на тема струја, плаќање и набавка во Градскиот трговски центар. Тогаш, дојдовме до информации дека ГТЦ нема лиценца за препродажба на струја, а дека дуканџиите плаќаат паушално и тоа два пати поскапа струја. ТВ21 продолжува да истражува дали сите дуканџии ја плаќале цената за копање на биткоини.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милопоски, вечерва објави детали на својот Фб профил за

графичката фарма за копање биткоини во ГТЦ.

-Новинари открија дека Габриел и Елвис Бајрам во магацин од ГТЦ имаат голема "графичка фарма" за копање на биткоини (криптовалута), со многу компјутери кои трошат многу струја на ден, а струјата е на ГТЦ, платена заеднички од сите 300 дуќанџии во трговскиот.

-Но, Габриел Бајрам е советник од листата на СДСМ во Град Скопје, а сопругата на Сашо Тасевски Директорот на БЈБ (МВР) е Претседател на одборот на директори на ГТЦ. Истата е и координатор на форум на жени на СДСМ Кисела Вода. Директорот на ГТЦ е истакнат активист на СДСМ во Скопје.

-Затоа нема да има ни истрага, ни обвинение за овој скандал. Сметките за нелегално потрошената струја ќе ги платат граѓаните и сопствениците на приватните дуќани во ГТЦ, пишува Милошоски на ФБ.

Министерството за внатрешни работи се огласи во врска со денешната акција во Градскиот трговски центар во Скопје, каде беа испратени големи полициски сили во импровизиран „рудник“ за криптовалути во магацински простор во објектот.

Од МВР велат дека не било утврдено дека се краде струја, како и дека копањето криптовалути не е кривично дело во земјава.

„Денеска во 14.45 часот во СВР Скопје А.М. пријавил дека во магацините на ГТЦ “имало поставено машини за копање криптовалути” односно дека заради наводна интернет трговија со криптовалути, извесни лица извршиле кражба на електрична енергија, со цел да го опслужат неопходниот капацитет на нивните компјутерски машини неопходни за трговија со криптовалути“, велат од полицијата.

Полициски службеници веднаш излегоа на лице место согласно пријавата, извршија разговори со одговорни лица на ГТЦ и со претставници од ЕВН, при што утврдија дека за броилата, кои се во приватна сопственост, не е утврдена било каква кражба на електрична енергија, по што е утврдено дека не постојат елементи за сторено кривично дело, казниво согласно Кривичниот законик. Во август 2021година по претходно добиен оперативен податок за истото кривично дело “кражба на електрична енергија”, исто така е постапувано од страна на полицијата на истата локација и не е констатирана кражба на електрична енергија ниту се лоцирани компјутери за копање на крипто валути. Имено, копањето на крипто валути не претставува кривично дело предвидено во кривичниот законик, се додава во соопштението од МВР.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk