logo
logo
logo

Маричиќ – Вархеји: Сите во Македонија да застанат зад европската иднина на земјата

Vecer | 22.09.2022

Маричиќ – Вархеји: Сите во Македонија да застанат зад европската иднина на земјата

Процесот на скрининг на земјава со ЕУ, следните активности во процесот на преговорите за членство и актуелната политичка ситуација во Северна Македонија, беа меѓу главните теми на денешната средба на вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во Брисел со еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји.
– Во вистински и клучен момент ја потврдивме европската перспектива на Северна Македонија. Сега е најважно да сме фокусирани на реформите и да останеме на европскиот пат. Тоа е наша обврска и задача која им ја должиме на граѓаните, да обезбедиме просперитет и напредок на земјата, рече Маричиќ на состанокот.
Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, Маричиќ, кој воедно е и главен преговарач на земјава со Унијата, го брифираше еврокомесарот за проширување Вархеји за скрининг состаноците и за подготовките за билатералниот скрининг, како и за посветеноста и мотивацијата која ја имаат институциите на земјава за процесот. Еврокомесарот Вархеји на Маричиќ му посака успешен скрининг и испрати порака да останеме силно посветени на европската реформска агенда, како и на градењето на добрососедски односи со Бугарија и напредокот во исполнувањето на обврските од страна на двете држави. Вархеји потенцираше дека сега е најважно сите во Северна Македонија да застанат зад европската иднина на земјата и да помогнат во процесот на преговори со Европската Унија, додавајќи дека тоа е процес кој е важен за иднината на државата и процес кој носи подобар живот за граѓаните. На состанокот беше разговарано за последните подготовки за потпишување на Договорот со Фронтекс, кој ќе биде потпишан кон средината на октомври, но и за економски теми, во пресрет на зимата која доаѓа и предизвиците со кои ќе се соочиме, предизвикани од енергетската и економската криза. Во таа насока Маричиќ и Вархеји разговараа и за Инвестицискиот план на ЕУ за Западниот Балкан и за забрзување во реализацијата на регионалните проекти, особено оние од инфраструктурата и енергетиката. Инаку, денеска во Брисел продолжува скрининг состанокот за поглавје 24 „Правда, слобода и безбедност“, кој ќе трае два дена, а веќе наредната недела продолжуваат состаноците за поглавје 23 „Правосудство и темелни права“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk