34 години од формирањето на македонската Армија денеска беа одбележани со централна свеченост во Кампот за обука на вода во Охрид, на која присуствуваше и министерот за спорт Борко Ристовски, заедно со највисокиот воен и државен врв. По повод 18 Август – Денот на Армијата, Ристовски упати честитка до сите припадници на Армијата, ветераните и оние кои низ годините биле дел од македонскиот одбранбен систем.
„Денеска им оддаваме почит на луѓето кои ја избрале честа да ѝ служат на својата татковина.
Македонската Армија е создадена заедно со независна Македонија и повеќе од три децении е еден од столбовите на нашата државност. Генерации македонски војници ја носеле униформата со достоинство, професионалност и подготвеност да застанат во одбрана на државата и на нејзините граѓани.
Денес имаме современа Армија, рамноправен дел од НАТО, која се модернизира и се подготвува за новите безбедносни предизвици. Но технологијата и опремата се менуваат, а едно останува исто – човекот во униформа и неговата обврска кон државата, знамето и народот.
На сите припадници на Армијата, на ветераните и на семејствата кои стојат зад нив им го честитам 18 Август – Денот на Армијата.
Нека е вечна Македонија!
Честит Ден на Армијата!“
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата