Правниот сектор на Левица, до скопското Основното јавно обвинителство утрово поднел кривична пријава против претседателот на Собранието, Талат Џафери, поради сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, соопштија од оваа политичка партија.
Во пријавата Џафери се товари дека на 22 јули годинава, без да го врати на доработка и неопходно доуредување, а по претходен договор и координација со Владата, илегално го пуштил во собраниска процедура со „европско знаменце“, односно во брза и полна легислативна постапка, контроверзниот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за државјанството -по скратена постапка, со што на пратениците им нанел директна и индиректна штета, преку узурпација на неприкосновеното субјективно пратеничко право на говор и фактичко оневозможување на правото на предлагање амандмани од страна на народните избраници во парламентот.
„На овој начин, со своето свесно и злонамерно омисивно деликтно дејствие на пропуштање, т.е. неизвршување на својата службена должност, спикерот Џафери, намерно и со предумисла, не се грижел соодветно и должно за примената на Деловникот на Собранието, иако знаел и бил должен да знае дека предлог-законот во никој случај не ги исполнува деловничките услови, бидејќи истиот не врши никакво усогласување со било која регулатива или директива на ЕУ, туку лажно се наведени конвенции на Обединетите Нации и на Советот на Европа“, семнатаат од Левица од каде очекуваат надлежното обвинителство сериозно да ја земе предвид нивната, како што велат, издржана кривична пријава и по неопходниот распит на пријавениот, како и по комплетирање на целокупната релевантна документација, да покрене обвинение против актуелниот претседател на Собранието.
makfax.com.mk
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата