Драг пријателе Албин, добредојде во Тегово, главниот центар на Албанците во Северна Македонија, напиша градоначалникот на Тетово, Биљал Касами вчера попладне објавувајќи ја веста дека на посета му дошол косовскиот премиер Албин Курти.
Преку Фејсбук Касами рече дека Курти дошол во ненајавена посета што ги потврдува братските врски и пријателството. Касами со своите најблиски соработници поразговарале со Курти и за политиката, дотерани во одела и со вратоврски, според сите протоколи за така ненајавена посета.
На масата за разговори може да се забележи и ненајавено свежо цвеќе, како и ненајавената плакета која Касами му ја врачил на Курти.
„На средбата разговаравме за многу прашања од интерес на нашите две земји со цел соработка и на централно и на локално рамниште. Оваа ненајавена посета уште еднаш ја потврдува нашата братска врска! Заедно ги градиме и развиваме нашите политики“, порача тетовскиот градоначалник.
Инаку, пораката за добредојде за Курти, дека дошол во Тетово „во главниот центар на Албанците во Северна Македонија“ е идентична со неодамнешната кога во Тетово кај Касами дојдоа градоначалници од неколку општини од Косово, како и градоначалникот на Бујановац, Србија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата