МВР поднесе кривична пријава против едно лице од тетовско Теарце за кривично дело загрозување на сигурноста против новинари, соопшти Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

„МВР достави известување до ЗНМ дека е поднесена кривична пријава против А.Е.(36) од с.Теарце, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ против новинари. Одговорот на МВР во врска со овој случај е за поздравување, а следен чекор е итна проактивност од страна на обвинителството, а потоа и судот со цел оние кои ги прекршуваат правата на новинарите да бидат соочени со правдата“, велат од ЗНМ.

На 22 март од страна на Здружението на новинарите на Македонија беше поднесено барање за постапување по пријави за закани по безбедност на новинари и медиуми на „Фејсбук“. Станува збор за случај во кој од профилот на оваа социјална мрежа именуван како Арбен Есати беше објавена содржина проследена со експлицитни закани кон новинари и медиумски работници од медиумите: Без Цензура, ТВ 21, Газета Експрес, Тетова Сот , Коха ТВ, Коха Њуз, Куманова Сот, ТВ Шења и Лајми Пресс.

„Ваквата објава од лицето Арбен Есати предизвикала чувство на страв и несигурност од загрозување на животот на дел од новинарите од овие медиуми и на членови на нивните семејства. По ургенцијата од страна на ЗНМ а во координација со дел од новинарите кои се засегнати од овој случај беше доставено образложено барање до МВР за итно спроведување на истрага“, велат од ЗНМ.

Од таму истакнуваат дека ова е прв посериозен случај за повреда на правата на новинарите кои го регистрира ЗНМ во 2021 година.

Во 2020 година ЗНМ бележи вкупно 14 напади и сериозни закани кон новинарите, а само еден случај имаше судска разрешница.

makfax.com.mk