logo
logo
logo

Конечно Шар Планина станува НАЦИОНАЛЕН ПАРК!

Vecer | 13.06.2021

Конечно Шар Планина станува НАЦИОНАЛЕН ПАРК!

Шар Планина е едно од непроценливите богатства на земјава, но беа потребни години за да се стигне до моментот таа да биде прогласена за Национален парк, со што конечно ќе биде заштитенa нејзината скапоцена природа.

Територијата на Шар Планина изобилува со природни богатства од најразличен вид: геолошки и геоморфолошки форми, глацијални езера и планински водотеци и огромна биолошка разновидност претставена преку разновидните станишта (шуми, пасишта, тресетишта итн.), видов диверзитет со присуство на голем број ендемични, ретки и реликтни растенија, животни и габи, како и значајни сорти и раси културни растенија и животни. Покрај тоа, значајно е и културното наследство изразено преку карактеристичниот предел формиран со милениуми како резултат на традиционалното сточарство и искористување на шумите.

Со прогласувањето на Шар Планина за Национален парк се гарантира заштита на биолошката разновидност, заштита на природата, на сите видови, но и развој на инфраструктурата, туризмот, како и зелените работни места.

Осумдесет и шест проценти од локалното население смета дека во регионот ќе има позитивни промени доколку Шара се прогласи за национален парк.

И покрај тоа што тоа е еден од најубавите предели во земјава, жителите во триесетината тамошни села живеат во супстандардни услови. Лоша инфраструктура, дивоградби, неконтролирана сеча на шумите, несоодветно одлагање на отпад, се само дел од проблемите со кои тие се соочуваат. Но, прогласувањето на Шар Планина за Национален парк дава огромна надеж за конечно решавање на тие проблеми.

Жителите се среќни што конечно ќе дојде до промени во тие аспекти, но исто така имаат големи очекувања за забрзано развивање на регионот, а со тоа и поголеми можности за нивна егзистенција.

Належните во изминатиот период остварија многу средби со локалните жители за да ги слушнат нивните барања и во таа насока да се изготви планот за управување со НП.

Откако Шар Планина ќе биде прогласена за Национален парк, државата ќе обезбеди идна управа што понатаму ќе раководи со НП.

Она на што е посветено огромно внимание е планот за управување со НП, што ќе претставува алатка за идното работење на Јавното претпијатие.

Според планираното, Нацрт-планот ќе биде презентиран во септември, а финализиран во октомври.

Чекор по чекор, со макотрпна работа за многу скоро време ќе бидат видливи и првите промени по прогласувањето.

Развојот на туризмот во тој регион ќе биде од голема корист за Северна Македонија, како и за локалните жители кои на тој начин ќе егзистираат.

Со прогласување на Шар Планина за Национален парк ќе се заштити огромното природно богатство што го поседува планината, ќе се привлечат странски инвестиции и донации, ќе се зачуваат традиционалните вредности на подрачјето, ќе се развие еко-туризмот, но и со оглед на тоа што планината е прекуграничен регион ќе се зацврсти соработката во прекугранични рамки со Косово и Албанија.

Денови до прогласувањето

Прогласувањето на Шар Планина за Национален парк веќе е во собраниска процедура, односно останата е последната фаза, а тоа е гласањето.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини изрази надеж за голема поддршка со оглед на поддршката на претходните дебати од 90 претеници.

Надлежните со полна пареа работат за она што следи по прогласувањето, а нивниот ентузијазам дава голема надеж дека го државава можат да се случат големи промени од кои сите ќе имаат придобивки.

Па, останува само да го чекаме моментот за славање, земјава по шеесетина години ќе добие нов Национален парк.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk