Голготата на вработените во Управата за водење матични книги продолжува, па наместо по речиси еден месец штрајк да добијат поголеми плати - тие сега се соочуваат со нов проблем - кратење на платите од дури 40 %.
Со Одлука донесена на 2 јуни на вработените во Управата, кои штрајкуваат од 12 април, исплатата на платите ќе им биде во висина од 60 %. Вечер.мк од свои извори дознава дека токму ова било причината штрајкувачкиот одбор да го радикализира штрајкот, односно да го зголеми обемот на истиот и да ги опфати активностите поврзани со склучувањето бракови во и надвор од службените простории.
Наводно, ваквиот став веќе бил доставен до директорот уште вчера, но официјално соопштение или известување до јавноста се уште нема.
Со оглед на тоа дека вработените се заканиле дека уште викендов ќе престанат да склучуваат бракови, дали тоа значи дека оние кои планираат да се венчаат викендов ќе останат немажени и неженети?

За радикализацијата на штрајкот, наводно, во голема мера придонела и наредбата од директорот со која на штрајкувачите им се забранува влез во деловните простории на работодавачот, со цел да не се попречувал работниот процес за оние работници кои не учествувале во штрајкот, како и фактот дека на казнетите, а кои ги има повеќе од 200, со 40 % помала плата јавно им е објавен матичниот број, што е уште едно кршење на законот за заштита на лични податоци.
Инаку, вработените во Управата за водење матични книги бараат потпишување колективен договор, линеарно зголемување на платите за 30 отсто и подобрување на условите за работа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата