Пред извесно време Скопје имаше средба меѓу возачите од ЈСП „Скопје“ со претставниците на германската компанија. Таму на возачите им беа објаснети условите за работа, кои тие ги прифатија, потпишаа договори и веќе од 1 октомври ќе започнат на новото работно место, пишува Плусинфо. Околу 70 возачи на ЈСП Скопје од 1 октомври ќе го напуштат јавното претпријатие и ќе почнат да работат за германска компанија во земјава.
Според информациите расте незадоволството кај возачите во ЈСП „Скопје“ откако им ги намалија платите за 2.000 денари. Стотина возачи во март годинава веќе си заминаа од претпријатието, а новиот бран на заминувања се очекува деновиве.
– Јас и уште неколку колеги потпишавме договори за друга компанија, каде што добивме многу подобри услови за работа, поголема плата и сè што баравме и ни беше ветувано во ЈСП. Повеќе не се издржува да се работи во ваква токсична средина – вели нашиот извор кој сакаше да остане анонимен, а не го откри ниту името на германската компанија, која барала 120 возачи.
Друг извор ја потврди истата информација и заминувањето на одреден број шофери од ЈСП „Скопје“.
– Пред извесно време во еден скопски хотел имаше средба меѓу возачите од ЈСП „Скопје“ со претставниците на германската компанија. Таму на возачите им беа објаснети условите за работа, кои тие ги прифатија, потпишаа договори и веќе од 1 октомври ќе започнат на новото работно место.
Синдикалецот Маријан Поповски официјално ги потврди информациите за заминувањето на возачите од претпријатието, но не прецизираше колкумина ќе го напуштат ЈСП од следниот месец.
– Точно е дека си заминуваат возачи и дека ќе продолжат да работат во некоја странска компанија. Нормално е возачите да си заминат по неисполнувањето на законските обврски на претпријатието, намалувањето на основната плата, неисплатата на прекувремените часови, хранарината и уште куп проблеми. Во денешно време секој си избира да замине онаму каде што ќе му бидат понудени подобри услови за работа – ни изјави Поповски.
До јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ испративме прашања да ни ги потврдат или негираат нашите информации, но до објавувањето на текстов, од ЈСП „Скопје“ не одговорија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата